Деновиве, во Културниот центар „Магаза“ во Битола, беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници-Битола (ДЛУБ) на која со свои дела се претставија четириесет уметници.
Изложбата беше отворена со обраќања на Нела Петровска, претседателка на ДЛУБ, Маргарита Спасова, директорка на Завод и музеј – Битола, историчарката на уметност Лилјана Христова и историчарот на уметност Филип Иванишевиќ.
– Каталогизирањето (односно правењето списоци) е еден од начините на кој културата ја прави бесконечноста поднослива. Градот, таа возвишена вештачка (Бодлеровски) геологија, не може да се сумира и затоа ДЛУБ еднаш годишно му се спротивставува на хаотичното изобилие на светот без да се преправа дека го сумира. Затоа, без потреба да се бара идејата, на небезбедна дистанца од ликовните струи, вооружена со хероизмот на необичното достоинство на Друштвото на ликовни уметници на Битола оваа изложба не се одгатнува преку која било поединечна слика, само преку сите ѕидови земени како целина-истакна Иванишевиќ.
Посебно внимание на отворањето привлече доделувањето на наградата „Борислав Траиковски“, која оваа година ѝ припадна на ликовната уметница Сандра Котевска, како признание за нејзиниот уметнички придонес.

Историчарката на уметност Лиљана Христова, смета дека делото на Котевска комуницира со атмосфера и многу малку преку нарација. Според неа, мирната композиција, редуцираните форми и внимателно избраниот колорит создаваат чувство на меланхолија, тишина и внатрешни согледувањa на нејзините соништа.
– Делото се диференцира од останатите експонати со свеж, современ, и стилизиран фигуративен израз со чисти колоритни површини, јасни контури, минимализирани детали, рамнотежа меѓу апстракција и фигурација и извесен ритам со силна декоративност. Женската фигура е претставена како универзален симбол на човечката емоција, додека цветот, светлината и темните облици ја надградуваат психолошката и поетска димензија – забележува Христовска.
Годишната изложба на ДЛУБ уште еднаш ја потврдува активноста и разновидноста на ликовна сцена, претставувајќи современи автори и различни ликовни пристапи пред публиката.
– Сеопфатниот и ерудитски карактер на изложбата произлегува од богатата и автентична творечка идеација на учесниците, како и од мемориското уметничко наследство. Кумулативноста на различните ликовни облици е иманентна за создавањето и одржувањето на културен многулик ентитет и критичко ликовно мнение-смета историчарката на уметност м-р Викторија Димеска.
Бројните и разновидни композициски ликовни решенија претставени на Годишната изложба ја потврдуваат конзистентноста на уметничката традиција на ДЛУБ и ја прават изложбата пример за успешна интеграција.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 18 август, а проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура и туризам на Македонија. Ф.Д.
































