Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и нејзината колешка, црногорската министерка за култура и медиуми Маша Влаовиќ, во Музејот на современата уметност свечено ја отворија изложбата на дела од еден од најголемите уметници на 20 век, Петар Лубарда. Изложбата беше отворена во присуство на голем број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјава, секако и голем број вљубеници во уметноста.
Изложбата е заедничка соработка на министерствата за култура на Црна Гора и на Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.
Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од својата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал не само еден од првите туку и меѓу најголемите дарители на МСУ-Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техниката масло на платно и лесонит, два акварела и десет цртежи, кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942 – 1966).
– Изградена како заеднички потфат на авторот и музејот, оваа колекција на репрезентативен начин го претставува развојот на уметничкиот израз на Лубарда, а според квалитетот и обемот претставува една од најзначајните и најобемни збирки на дела. Приврзаноста на Лубарда за специфичниот црногорски пејзаж и љубовта кон старата култура, кон судбоносните и историските теми, може да се проследат преку неговите дела од колекцијата на МСУ. Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното. Неговиот фигуративно-асоцијативен експресионизам е исполнет со медитерански импулси, преточен во еднакво рудиментирани, интензивно обоени апстракции – рече кураторот Јанчевски.
Лубарда на впечатлив начин ги вклучува локалните теми и мотиви и ги трансформира низ формалната игра со визуелните елементи, вградувајќи ги во стремежот за универзалното.


– Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок на 26 слики од Петар Лубарда, во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И, еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека уметничкиот гениј, кој со своите слики во 50-тите години на минатиот век предизвикал ново внимание во светот, исправен покрај Дали, Хенри Мур и покрај Пикасо, трагично ја доживеал катастрофата на скопскиот земјотрес и е меѓу првите што подале рака за поддршка, утеха и надеж. Вредности што трајно ги паметиме.
Црногорската министерка Маша Влаовиќ изрази задоволство што изложбата е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје и по тој повод познатиот сликар Петар Лубарда донираше значителен број од своите дела како знак на солидарност и поддршка.
– Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нѐ радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба – рече Влаовиќ.
Изложбата на дела од Петар Лубарда ќе биде отворена до 31 март. В.Д.