Од вкупно 46 пријавени проекти, „МСУ- Скопје ремек-дела за сите“ е единствен македонски проект избран уште во првиот повик за грантови од „Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа“ за 2024 година, преку „Балканската мрежа на музеи“. Членовите на комисијата заклучиле дека МСУ е еден од водечките музеи во државата и затоа е од суштинско значење да започне со трансформација за подобра пристапност и инклузија.
Според раководителката на проектот, Бојана Јанева, кустоска во МСУ, најзначајно во реализацијата на овој проект е што МСУ ќе добие стручна „Студија за пристапност“ од врвни советници во оваа област од земјава и од регионот, обука на музејскиот кадар за начини на комуникација со различни ранливи групи, како и изработката на реплики на дела за лица со оштетен вид. „Музејски куфер“ со тактилните реплики на ремек-дела од колекцијата на МСУ – Скопје ќе биде достапен и за лица со тешкотии да дојдат во музејот.
– Во обид да добиеме повеќе искуствено знаење за иновативни пристапи и технологии во областа на пристапноста на музејот, минатата година, нашиот музеј започна месечна музејска обиколка наречена „Тури на инклузивност“. Турите ги реализиравме заедно со различни граѓански организации со попречености, за да добиеме повратни информации за проблемите со пристапноста. Оваа повратна информација многу ни помогна да ги идентификуваме клучните точки како да ја подобриме работата на МСУ, што беше иницијална точка за развивање на проектот „МСУ ремек-дела за сите“ – вели Јанева.