Четвртото издание на биеналната изложба „Интернационално графичко биенале“ годинава се реализира како онлајн изложба на социјалната мрежа Фејсбук, од 15 до 30 септември. ДЛУМ има тенденција да повикува графичари, уметници од разни земји што графиката ја негуваат во својот класичен третман, но и активно експериментираат.
– Дигиталната ера ја овозможува оваа онлајн поставка да ѝ биде достапна на многубројна публика. Но се чини дека дигиталната ера го окупира и уметникот да создава и експериментира со новите технологии и можности. Класичните графички техники на ова издание на графичкото биенале се со богатство на понуда од линорез, литографија, бакропис, акватинта, мезотинта, сува игла, ситопечат, но голем е бројот и на уметници што работат во медиумот на дигитален печат. Понудените конкуренти од различни земји имаат свој специфичен ракопис, индивидуална или препознатлива преокупација од денешницата. Ако задача на уметникот е да го забележи времето сегашно, да ги претстави сопствените визии и актуелни размисли, тогаш она што тие го кажуваат е поттик за размисла, провокација за гледачот – велат од ДЛУМ.

На изложбата се претставени дела од 35 уметници од различни земји. Стручното жири ги селектира пристигнатите дела и донесе одлука да додели три рамноправни награди, на Магдалена Бак од Норвешка, Паулина Бобак од Полска и на Кристина Даниунаите од Литванија.