Далибор Плечиќ, книжевен критичар и писател

Далибор Плечиќ е книжевен критичар, писател и преведувач. Неодамна имаше промоција на збирката раскази „Буники“. Плечиќ дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и посетувал мастерстудии по библиотекарство и информатика на Универзитетот во Белград. Пишува книжевни критики за „Букса“ од Загреб, „Бетон“ од Белград и за списанието „Литерари ривју“ од Њу Џерси, САД. Претежно пишува проза, но има објавувано и песни.

Каква збирка е „Буники“?
– Станува збор за збирка на раскази, пред сѐ составена во една, условно речено, несиметрична структура. Имено, почнува со една новела, ако може така да се каже, со расказот „Бунике“, кој е значително подолг од другите четири. Тој е централен во збирката и стои како оска или, подобро, планета околу која другите кружат како сателити. Тоа не значи дека тие сателити се зависни од планетата и дека не би можеле сами да егзистираат, туку дека се само привлечени од нејзината гравитација и се наоѓаат во нејзиното поле на наративна тежа. Расказите зборуваат за егзистенцијални и метафизички проблеми на главните протагонисти и на контекстот во кој живееме, за промените што настануваат со преминот од, условно речено, „аналогната“ во „дигиталната“ доба, за збунетоста на припадниците на генерациите што се родени некаде помеѓу, за проблемите на општеството во кое живееме и неговата есхатолошка слика за нашата иднина. Зборуваат и за некои реални приказни, чувствата и сл.
Какви животи, карактери, приказни претставувате пред окото на јавноста?
– Приказните во збирката временски се растегнати во десетина години, можеби и повеќе. Некои се поврзани со настани од пред една деценија, а некои се случуваат во рецентното време. Главно станува збор за описи на карактери што на овој или на оној начин се во некакво бунило. Некогаш е тоа поради околностите, контекстот, општествените услови, а некогаш и поради некои свои внатрешни антагонизми или психички прекини на внатрешните континуитети, отсуство на некое кохерентно јас. Станува збор за поливалентни, но и амбивалентни личности, без склоности на наративната постапка за нивна типизација и еднодимензионалност. Во согласност со тоа, и приказните за нив се такви, може да бидат проткаени со референци на различни проблематики од времето во кое живееме, но и дилеми и онтолошки прашања што се присутни откога човекот почнал воопшто да размислува за себе.

Што натежнува во вашите раскази, имагинацијата или реалноста?
– Иако би можело да се помисли, поради присуството на некои елементи на фантастика или на магичен реализам, дека станува збор за книжевност на имагинарното, сепак темите во расказите се осврт кон реалноста во која живееме. Нереалното е фантастично само тогаш кога ја прекинува, ја сече реалноста што ја познаваме и предизвикува вчудовиденост, страв и несигурност. Во таа смисла расказите во оваа збирка не се фантастични, освен присуството на такви елементи во најдолгиот расказ, но и тука функцијата на тие елементи не е вчудовидувањето туку нешто сосема друго. Улогата на имагинарното во расказот „Буники“ е сепак од психоаналитичка природа, како еден дијалог на главните ликови со своето несвесно.

Кој е најинтригантниот момент од пишувањето критика?
– По мој суд, критиката треба да содржи во себе некаков хеуристички, откривачки момент, да има во себе елементи на негативна критика, во смисла на оспорување на авторитети и во смисла на поставување прашање на вредности. На некој начин да впушти во прашањето на моќта на книжевната сцена и пошироко од тоа. Се подразбира дека критиката мора да биде аргументирана, таа не треба да биде емотивна и пристрасна. Исто така не верувам во автономија на книжевното дело, според тоа не мислам дека критиката треба да биде критика на делото пер се, туку би требало во полето на своите интересирања и анализи да го има сето она што делото го емитира како уметнички текст, но и во општествените констелации.

За какви книги најчесто пишувате критики? И каква реакција добивате од читателите, па и од авторите?
– Тоа се главно дела од светската литература, од Јапонија, Иран преку Европа до двете Америки. Вистински предизвик е пред сѐ поради тоа што пишувам на англиски. Што се однесува до реакциите од читателите, секогаш се различни, некогаш луѓето ми пишуваат дека решиле да купат извесна книга поради мојата критика, а некогаш дека се откажале поради истото тоа. Сум имал ситуации и со автори што реагирале суетно на моите текстови, но тоа го сметам како дел од фолклорот на оваа професија. Впрочем, писателките и писателите се есенцијално поврзани со своите дела и секоја забелешка што не им се допаѓа ја сфаќаат ад хоминем, иако таа никогаш (макар не кај мене) не е тоа. Напротив, секоја негативна критика се однесува на делото, и само на тоа дело, или некој сегмент од делото партикуларно. Книжевното дело навистина постои само во тој однос меѓу испраќачот на пораката и нејзиниот примач.

Кај нас книжевната критика е вистински раритет. На што му го припишувате овој книжевен недостиг?
– Ако се земат предвид структурните и финансиските услови, не е чудо што нема книжевна критика во Македонија. Кога се јавува повремено, таа е вообичаено афирмативна како резултат на деловни или пријателски врски, ако може така да се каже. Нормално, тука има удел и уредувачката политика на издавачите, која, мотивирана од некои други причини, оди кон тоа критиката да се сфати како некаков вид информација дека книгата се појавила, со одобрувачки, промовирачки и позитивен пристап. Тука се и пријателствата, кои не треба да се нарушат, незамерувањето и незатворањето на вратите за промоции, случувања и, воопшто, егзистирањето во делокругот на разните еснафски здруженија и организации.

Македонија е мала средина, луѓето од иста бранша се познаваат и тие пријателства вршат супремација над пристапот кон литературното дело на непристрасен начин. Дефинитивно недостига критика што е бескрупулозна, која е решителна и сурова кога е во прашање „книжевната вистина“, која, на крајот на краиштата, е иновативна. Критика што не мисли на последиците во таа некоја нормативна смисла. Во спротивно ќе останеме сведоци на афирмативни редундантни памфлети, кои се тука да ја хранат суетата на авторот и купуваат некој „братски“ мир, преку кој може да се биде присутен некаде, и сведоци на кликбејт-пристап кон книжевноста. Ситуацијата во регионот (конкретно во Србија и во Хрватска) е нешто подбра, со присуството на неколку портали и списанија што поддржуваат книжевна критика, но, секако, не е задоволителна исто така.