Филип Јовановски, визуелен уметник, Ивана Васева, кураторка, и Биљана Тануровска-Ќулавковски, истражувачка, кураторка и продуцентка, учествуваат на изложбата „Уметноста на работа: На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста“, која ќе биде поставена до 29 јануари 2023, во музејот на современата уметност „Метелкова“ во Љубљана.

Тимот на реномирани интернационални куратори, Зденка Бадовинац, Бојана Пишкур, Игор Шпањол и Ана Мизерит, селектираа уметници, активисти и колективи како дел од изложбата „Уметноста на работа“, која разгледува три различни сегменти од генеалогијата на концептот на (уметничка) работа во регионот на поранешна Југославија: прво, начинот на кој работата беше замислена од авангардните уметници од 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите; потоа, трансформациите на концептот на уметничка работа и уметнички простори во 1990-тите; и на крајот политичките уметнички практики поврзани со трудот од 2000 година. На изложбата учествуваат повеќе од 50 уметници, уметнички колективи и здруженија од регионот на поранешна Југославија.

Филип Јовановски се претставува со своето дело видеопортрет „Ударник на трудот (2011 – 2022)“, додека Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева со перформативното предавање „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ (2016).

Делото видеопортрет „Ударник на трудот (2011 – 2022)“ им оддава почит на денешните текстилни, чевлaрски, кожарски, градежни, железничарски работници, како и на вонинституционалните културни работници, и повикува на еднаквост и солидарност. „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ е дисекција на животите на двe културни работнички од различни генерации, кои работат во вонинституционалната сцена во Македонија, која е кондензирана во форма на предавање – изведба, изработена од двете кураторки и драматуршки развиена заедно со драматургот Рок Вевар од Словенија.