Конзерваторите продолжуваат со активностите
Стручните екипи од Централната лабораторија на Националниот конзерваторски центар и на Националната галерија на Македонија информираат дека минатата година се конзервирани и реставрирани 12 дела од богатата колекција од оставината на Лазар Личеноски, која се состои од 122 вредни слики, цртежи и акварели. Посветените професионалци, конзерватори, реставратори, историчари на уметноста, продолжуваат со своите активности и годинава и со поддршка од Министерството за култура, а до крајот на јуни треба да се заштитат уште 13 уметнички дела од овој наш исклучителен автор.
Во изминатиот период целосно е заштитено мозаичното културно наследство во спомен-куќата на Личеноски, а екипи на Националната галерија минатата година го конзервираа и реставрираа етнолошкиот материјал од објектот. Исто така, завршен е дел од активностите од основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“, што е во надлежност на Конзерваторскиот центар-Скопје. Саниран е системот за водоводна и одводна мрежа, изведена е и фазата електрика, а дополнително ќе се пристапи кон изведба на дренажниот канал, санација и консолидација на архитектурата.
Деновиве министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, го посетија Националниот конзерваторски центар во кој се одвива процесот на конзервација и реставрација на ликовните дела на еден од основоположниците на македонската современа уметност, Лазар Личеноски. Делата се дел од легатот на семејството Личеноски на Националната галерија на Македонија.
– Го заштитуваме вредното ликовно богатство старо и повеќе од еден век, оставајќи им го во наследство на идните генерации. Со конзервацијата и реставрацијата на делата што го сочинуваат легатот на еден од најважните основоположници на македонската современа ликовна уметност, Лазар Личеноски, обезбедуваме долговечност на највредното од македонската култура – изјави министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Министерството за култура, преку надлежните установи од областа на културата, преку синхронизирани професионални активности, се посвети на реставрацијата и конзервацијата на куќата на Личеноски, со сите збирки што се во неа.
– Сите професионалци продолжуваат доследно да го обновуваат фондот на големиот сликар и да го реализираат овој проект, со што на новите генерации и на туристите ќе им се овозможи автентично да го доживеат амбиентот во кој живеел и творел доајенот на македонската уметност Лазар Личеноски – потенцира Костадиновска-Стојчевска.
Куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на современата македонска уметност, е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, со владината одлука од 2017 година. В.Д.