Конкурс за краток расказ на „Нова Македониjа“
Признанијата на авторите на најдобрите кратки раскази за 2022 година, според резултатите од годинашниот анонимен Конкурс за краток расказ на „Нова Македониjа“, беа доделени денеска во кафулето „Капри“.
Наградите на добитниците им ги врачија членовите на комисијата, во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“.
На неформалната средба признанијата им беа врачени на авторката на првонаградениот расказ „Кажи му на кучето“ – Симона Јованоска, на Ивана Смилевска, добитничка на втората награда за „Герника“, Моника Стојановска, третонаградена за расказот „Розов еж“, Бјанка Станковиќ, наградена за расказот „Морска“ и Силвана Димитриевска за расказот „Вода“.
Од добитниците на откупните награди на врачувањето не присуствуваше единствено Емилија Тодорова, наградена за „Големиот чекор“, која живее и работи во Австралија.
По официјалното врачување на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Фото: Маја Јаневска – Илиева