На 21 август ќе биде отворена фотоизложба на Доријан Миловановиќ, во „Куршумли-ан“.
– Спојувањето луѓе, енергии, простори и времиња отсекогаш било голем предизвик за човештвото. Да се најдеш на пол пат со некого, нешто и притоа да изградиш нов свет, да создадеш некој нов универзум и не е толку лесна задача. Веројатно тоа им успева само на луѓе со посебна дарба што знаат својата креативна сила да ја отелотворат преку медиумот што го одбрале и чија снага знаат како да ја искористат. Па така, и нашиот драг колега и монтажер по професија Доријан Миловановиќ, служејќи се со својот фотоапарат, на своевиден начин, давајќи ѝ на својата фотографија надреална и надвременска моќ, успева да долови моменти од навидум секојдневното земско живеење и да ги доведе до една спојка со надземното, магичното, невообичаеното и притоа да изгради светови што отвораат нови светови и развиваат идеи – информираат од „Македокс“.
Авторот е дипломиран филмски монтажер и, како што самиот вели, секогаш при фотографирањето размислува монтажно, спојувајќи луѓе, моменти и доживувања и затоа насловот на оваа прва негова самостојна изложба е „Спојка“ и е резултат на неговото 15-годишно фотографско творење.