Во Народниот музеј во Свети Николе е отворена изложба на исечоци од стари весници, документи и фотографии од Свети Николе. Материјалите се дел од личната архива на Никола Ристевски и го прикажуваат развојот на градот од втората половина на 1940-тите до крајот на 1980-тите години од минатиот век. Присутните ќе имаат ретка можност да видат оригинални фототипи од елаборати што биле изработени во годините по Втората светска војна, исечоци од „Нова Македонија“ и од светиниколскиот весник „Овчеполски глас“ и многу стари фотографии од Свети Николе.
Изложбата е во рамките на Фестивалот на култура и уметност инициран од продукцијата „Аристон“ и „Овчеполе.мк“, кој трае од септември до декември, со цел да ја промовира роднокрајната истражувачка работа и да ги претстави културното наследство и природните ресурси на Овчеполието и на Македонија. Фестивалот содржи изложби на фотографии, промоции на книги и проекции на документарни филмови, кои ќе се одвиваат до празникот на Свети Никола во декември годинава.
Во „Киноверзум“ – 3Д-кино во Свети Николе, премиерно пред покровителите Ѓорѓија Атанасоски и Јордан Ѓорчев, соработници и новинари беа прикажани епизоди од документарните серии на продукцијата „Аристон“.