Отворена изложбата „Париски рефлексии 3“

На отворањето на изложбата „Париски рефлексии 3“, проект во соработка со Францускиот институт во Скопје, односно со Амбасадата на Франција, од името на Националната галерија поздравна реч до публиката упати директорката Дита Старова Ќерими. Третиот циклус ќе гостува и во Битола.
Во третото издание на „Париски рефлексии“ се претставени дела од третата генерација македонски уметници што реализирале студиски престој во Париз и чие творештво било поврзани со центарот на светската уметност.
– Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и преостанатите тогаш актуелни светски тенденции. Во оваа селекција се вклучени авторите што се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност: Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски–Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари), Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори) – рече Старова Ќерими.
Сите претставени дела се дел од колекцијата на Националната галерија. Преку претставените дела се чувствуваат рефлексиите на едно време, особено во доменот на пренесување на влијанијата на двете навидум спротивставени оски – апстрактната уметност и фигуративната.
– Се надевам дека и понатаму ќе ја продолжиме традиционалната приказна, преку соработката и пријателските односи со Франција, која има исклучително голема традиција во чување, негување и проучување на демократските процеси во културата – додаде Старова Ќерими.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, на отворањето истакна дека сликарството на големите македонски мајстори на 20 век очигледно било проткаено со Париската школа и главните текови на модерната уметност.
– Оваа исклучителна колекција со која располага Националната галерија и француското влијание врз неа, ни се чинеше дека заслужува да биде вреднувана како таква. Тука се роди идејата за оваа изложба. Оваа нова изложба ни овозможува уште еднаш да го процениме ова испреплетување на нашите две култури, овие одрази на париските движења во современото македонско сликарство, преку фин избор од 45 дела на 25 уметници. Овој последен дел од „Париски рефлексии“ претставува многу добар пример и многу убава почит на овие вкрстени културни влијанија и на овие вредности што ги споделуваме меѓу Французите и Македонците – рече францускиот амбасадор.