Изложба на професори од Националната ликовна академија, Софија, Бугарија, и Факултетот за ликовни уметности – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, со наслов „Дијалог преку уметност“, е отворена во галеријата „Академија“ во Софија. Изложбата е втор настан преку кој двете институции воспоставуваат директен дијалог преку уметноста.
– Со изложбата лани во декември во галеријата на ФЛУ во Скопје беше поставен почетокот и беше најавена подготвеноста за развивање и унапредување на соработката меѓу двете образовни институции преку заеднички изложбени проекти. За време на одржаната тркалезна маса со раководството и наставниот кадар на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беа разгледани тенденциите и проблемите поврзани со образованието во уметноста во Бугарија и во Македонија. Беа дискутирани можности за соработка и претставување на уметноста на младите автори и професори од двете земји преку изложби, размена во рамките на програмата „Еразмус+“, работилници и други креативни иницијативи – велат организаторите.
Изложбата опфаќа околу 60 дела од 28 професори, изработени во различни медиуми и техники од областа на ликовните и пластичните уметности – сликарство, графика, уметност на книгата, илустрација, пластики од хартија, керамика, порцелан и стакло, текстил, фотографија, видеоарт. Учесници се: Ана Спасова, Ангел Миов, Беди Ибрахим, Бојана Павлова, Васил Колев, Велимир Жерновски, Венцислав Шишков, Георги Јанков, Гергана Табакова, Гоце Наневски, Елизар Милев, Емануела Ковач, Здравка Василева, Зоран Мише, Игор Сековски, Капка Канева, Мања Вапцарова, Кирил Божков, Красен Троански, Кристина Борисова, Ладислав Цветковски, Љубомил Драганов, Марија Сотировска, Николина Енчева, Роберт Јанкуловски, Розина Макавеева, Светозар Бенчев, Славица Јанешлиева.