„Денот на корејската култура во Скопје“ ќе се одржи на 14 ноември, во организација на Амбасадата на Република Кореја во соработка со Кинотеката на Македонија. Од 17 часот започнува ексклузивната проекција на играниот филм „Помеѓу боговите: двата света“.
Откако неочекувано умира, пожарникарот Ја-хонг е одведен во задгробниот живот од три чувари на задгробниот свет. За да може да се реинкарнира, тој мора да помине седум судења во текот на 49 дена и да докаже дека бил невин во човечкиот живот. Неговите тројца задгробни чувари се покрај него за да го бранат при судењето. „Помеѓу боговите: двата света“ е јужнокорејски фантастичен акциски филм од 2017 година, во режија на Ким Јонг-хва. Филмот е прв дел од трилогијата, базирана на истоимениот веб-серијал на Џо Хо-мин, кој е инспириран од будистичките слики од корејската династија Чосеон и раните будистички текстови за десетте кралеви.
Филмот за првпат се прикажува во Скопје и влезот ќе биде слободен. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.
Од 19.30 часот е играниот долгометражен филм „Одлука за заминување“ (2022) на корејскиот режисер Паак Чан-ук, кој ја доби „златната палма“ за режија на Канскиот фестивал во 2022 година и беше јужнокорејски кандидат за „оскар“ во 2023 г.. Паак Чан-ук е еден од најзначајните режисери на современата корејска кинематографија, а неговите филмови се меѓу најнаградуваните корејски филмови, не само на домашните и азиските туку и на филмските фестивали низ светот. „Одлука за заминување“ е криминална неоноар-драма во која детективот што ја истражува смртта на еден човек се вљубува во сопругата на починатиот, иако истовремено ја смета за главна осомничена. Во истрагата за убиство се испреплетуваат страст, лаги и неизвесности.