На изложбата „Убавината како хармонија и единство на противречностите“

„Убавината како хармонија и единство на противреченостите “ е изложбата,
што ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК
„Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе бидат претставени дела од деветмина сликари,
Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана А. Трпческа, Ванчо Кеков, Верче
Николоска, Марија Светиева Ергас, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина
Мазнеска, а куратор на изложбата е Викторија Димеска, историчар на уметност.

Според Димеска, неопходноста од разгледување и редефинирање на различните сфаќања за суштината и улогата на естетската категорија убавина во современата епоха преку уметноста, како најсоодветна алатка за нејзино проучување, претставува основен мотив за реализацијата на проектот: „Убавината како хармонија и единство на
противречностите“.

– Во ликовната уметност се разликуваат три вида на хармонија на елементите: хармонија по аналогија, хармонија по функција и хармонија по идеја. Суштината на
општочовечките вредности, како и нивното настанување, прифаќање и опстанок, претставуваат предмет на проучување на естетиката. Споменатите вредности и идеали
најчесто се условени од разните историски текови кои доминираат во дадена култура –
вели Димеска.

Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура. Ка.М.