Заврши 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Се спушти завесата на уште еден театарски фестивал. Заврши 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ со врачувањето на наградите и со концерт на „Добрила и Дориан дуо“. Наградата за уметничко остварување на претставата во целина на годинашниот 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ ѝ е доделена на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, на ансамблот на театарот „Антон Панов“ од Струмица. Специјалното признание за колективна актерска игра оди кај ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од НУ Народен театар – Битола. Според жири-комисијата, во состав Марина Миливојевиќ-Маѓаров – претседателка, Марина Катниќ-Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, претставата „Црна дупка“ на Струмичкиот театар била хармонична, со вооедначен однос на сите елементи во структурата.
– Играа со полно срце, одлучно покажаа дека ја сакаат претставата. Играа дело посветено на авторот во фокус на фестивалот, што го имавме предвид кога одлучувавме. Претставата е заокружена, со јасен концепт – рече Маѓаров.
Претставата за мене како театарски човек, како актер, е посебно автентично доживување. Сјајни улоги, одлична музика, сценографија, дополни Варја Ѓукиќ.
Најголем дел од наградите ги доби претставата „Иванов“ на МНТ.
Наградата за главна женска улога ја доби Дарја Ризова за улогата на Саша во „Иванов“ – МНТ, а наградата за машка улога Васил Михаил за улогата на Силјан во „Црна дупка“ на Струмичкиот театар. Наградата за режија ѝ е доделена на Зоја Бузалковска за режијата на претставата „Иванов“ – МНТ.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Григор Јовановски за улогата на Љвов, Евгениј Константинович во „Иванов“ – МНТ, а за најдобра млада актерка Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа во „Едвард Втори“ во изведба на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес, и драмскиот театар „Масалитинов“, Пловдив.
Наградата за женска епизодна улога отиде во рацете на Анкица Бенинова за улогата на Сања во претставата „Црна дупка“ на Струмичкиот театар, наградата за споредна машка улога „Димче Трајковски“ ја доби Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев, Павел Кирилич во „Иванов“ – МНТ.
Наградата за рекламен материјал отиде во рацете на Зоран Кардула за рекламниот материјал на „Иванов“ на МНТ. Наградата за кореографија и сценски движења ја доби Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа, и Нина Деан за кореографијата и сценските движења во претставата „Иванов“ на МНТ.
Наградата за музика ја доби Ристо Вртев за музиката во претставата „Дупло дно“ на Прилепскиот театар, наградата за костимографија Симон Мачабели и Раде Василев за костимите во „Едвард Втори“ на Велешкиот театар во копродукција со драмскиот театар „Масалитинов“, Пловдив, Бугарија.
Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска ја добиваат наградата за сценографија во претставата „Иванов“ на МНТ, додека наградата за современа сценска драматизација замина кај колективот на претставата „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје.
Наградата за современ драмски текст не се додели.
Фестивалот обединет во „Нов концепт“ понуди 11 театарски претстави во официјална програма и шест во придружна, многу промоции на театарска литература, разговори на тркалезната маса, детска зона, работилници за деца, Скомрахи. Целиот град беше театар.
Дел од претставите оставија впечаток кај публиката, дел не, но во суштината фестивалот го понуди пресекот на она што го работат театрите во земјата.
На фестивалот беа промовирани и фондацијата и наградата „Горан Стефановски“, преку која ќе се стимулира македонското драмско творештво, како и документарниот филм „Траги“ посветен на големиот македонски драмски автор. Ка.М.