На 58. МТФ „Војдан чернодрински“ во Прилеп

Наградата за уметничко остварување на претстава во целина на годинашниот 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ е доделена на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски на ансамблот на театарот „Антон Панов“ од Струмица.

Специјалното признание за колективна актерска игра оди кај ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од НУ. Народен Театар Битола. Ова денеска го соошти жири-комисијата во состав Марина Миливојевиќ – Маѓаров – претседател, Марина Катниќ – Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, при тоа потенцирајќи дека претставата „Црна дупка“ на Струмичкиот театар е хармонична, со воедначен однос сите елементи.

– Играа со полно срце, одлучно и покажаа дека претставата ја сакаат. Играа дело
посветено на авторот во фокус на фестивалот, што го имавме во предвид кога
одлучувавме. Претставата е заокружена, со јасен концепт – рече Маѓаров.

– Претставата за мене како театарски човек, како актер, е посебено, автентично
доживување. Сјајни улоги, одлична музика, сценографија – рече Варја Ѓукиќ.

Најголем дел од наградите ги доби претставата „Иванов“ на МНТ.

Наградата за главна женска улога ја доби Дарја Ризова за улогата на Саша во
„Иванов“ – МНТ, а наградата за машка улога Васил Михаил за улогата на Силјан во „Црна дупка“ на Струмичкиот театар. Наградата за режија и е доделена на Зоја Бузалковска за режијата на претставата „Иванов“ – МНТ.

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Григор Јовановски за улогата на
Љвов, Евгениј Константинович во „Иванов“- МНТ, а за најдобра млада актерка Јована
Миладинова за улогата на Изабел де Валоа во „Едвард Втори“ во изведба на Театар
„Јордан Хаџи Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив.

Наградата за женска епизодна улога отиде во рацете на Анкица Бенинова за улогата на
Сања во претставата „Црна Дупка“ на Струмичкиот театар, наградата за споредна машка
улога „Димче Трајковски“ ја доби Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев, Павел Кирилич
во „Иванов“- МНТ.

Наградата за рекламен материјал отиде во рацете на Зоран Кардула за рекламниот
материјал на „Иванов“ на МНТ. Наградата за кореографија и сценски движења ја добива Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа, и Нина Деан за кореографијата и сценските движења во претставата „Иванов“ на МНТ.

Наградата за музика ја доби Ристо Вртев за музиката во претставата „Дупло дно“ на
прилепскиот театар, наградата за костимографија Симон Мачабели и Раде Василев за
костимите во „Едвард Втори“ на Велешкиот театар во копродукција со Драмски театар
Масалитинов, Пловдив, Бугарија.

Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска ја добиваат наградата за
сценографија во претставата „Иванов“ на МНТ, додека наградата за современа сценска
драматизација замина кај колективот на претставата „Франкенштајн“ на Театар за деца и младинци – Скопје.

Наградата за современ драмски текст не беше доделена.

МТФ „Војдан Чернодрински“ завршува вечерва во 19.30 часот во ЦК „Марко
Цепенков“ со доделување на наградите и концертот на Добрила и Дориан дуо. Ка.М.