Во организација на домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци синоќа во
Клуб Матица во Скопје се одржа манифестацијата „Боите на Тиквешијата преку сликарство, музика, поезија и вино“. Овој културен настан претставува спој на младоста, виното и боите на Тиквешијата преточени преку прекрасните дела на ликовните уметници од Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци, рецитација на стихови од роднокрајни автори и сетo тоа проследено со прекрасна музика и залиено со преубаво вино произведено во Тиквешкото виногорја од неколку семејни винарии.

Манифестацијата започна со отворање на изложба со пригодно обраќање на директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова која истакна дека Друштвото на ликовните уметници од Кавадарци е едно од најстарите во Македонија кое успешно опстојувајќи четири децени. Притоа Кавадарци е гордо што од него произлегоа најзначајните имиња во македонското сликарство како што се Петар Мазев, Глигор Чемерски, Ана Темков, Симон Шемов, Глигор Стефанов, Владимир Темков, Димитар Самарџиев, Ванчо Кеков, Лазар Дојчинов,Горан Боев и многу други. Оваа изложба, подвлече Туриманџова, воедно е можност за промоција на младите ликовни уметници кои стануваат дел од богатото милје на уметници од Тиквешијата со особен квалитет кој најавува нова генерација на талентирани млади уметници.

Дружбата во Клуб Матица продолжи со интерпретација на стихови од Микица Илова заедно со Тодор Богев, Сашко Орешков, Андријана Преметарова и Драгица Тасева за да продолжи со прекрасна музика во интепретација на легендарниот Драган Мијалковски заедно со Ангел Јосифов и Бубо Каров. Се разбира, покрај други производи и пијалаци од кавадаречки компании, вечерта доминираа и прекрасните вина. Ми.М.