Со богата програма и два концерти, на кои се претставија ученици по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“, вчера по 9. пат беше заокружено одбележувањето на Денот на пијаното во Скопје. На концертите во Културно информативниот центар, Салон 19:19, настапија 40 ученици од училиштето со дела од различни музички епохи и стилови, што ја истакнува звучната разновидност и богатството на пијаното како инструмент.

На концертите им претходеа семинар и работилница под водство на проф. д-р Милица Шкариќ на тема „Симболизмот во добро темпериран клавир“ со фокус на делата на Јохан Себастијан Бах.

Ден на пијаното е глобална иницијатива основана од германскиот композитор Нилс Фрам во 2015 година. Настанот го организираше м-р Светлана Димитриевска, раководител на Одделот по пијано во „Илија Николовски – Луј“, а е и дел од годишната програма на училиштето.

-Денот на пијаното-Скопје е прв настан во Македонија со кој започна одбележувањето на глобалната иницијатива. Среќни сме што ги мотивираше и поттикна и останатите музички училишта во државата. Оваа година, преку еден музички колаж од различни стилски епохи, со одлични изведби се претставија 40 ученици. Претходно, проф. д-р Шкариќ со семинарот и работилницата нè воведе во еден поинаков свет, ни ги прошири видиците и ни покажа до каде оди генијалноста на Бах, која е безгранична. Задоволни сме и поради несебичното споделување на драгоцени информации и поради целокупниот енузијазам и позитивната енергија која се создава околу оваа иницијатива. Сите ние ја славиме музиката и се трудиме што повеќе да ги инспирираме младите пијанисти – вели Димитриевска.