Долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ги доби специјалната филмска награда и статуетката за граѓански активизам на фестивалот „Сим фест“ во Романија. Филмот беше во официјалната селекција на јубилејното 20. издание.
Станува збор за ТВ и филмски фестивал – еден од ретките во Европа што истовремено е културен настан и летна школа за новинари, а жири-комисијата што ја додели наградата ја сочинуваат еминентни личности од областа на новинарството и кинематографијата од Романија и од други земји.
Фестивалското патување на „Бизнисот на задоволството“ ќе продолжи во Италија кон крајот на октомври, со официјална селекција на 27. издание на фестивалот „Интернешнал полис аворд артс фестивал“ (ИПААФ), а потоа и на „Мадрид филм авордс“ во Шпанија.
„Бизнисот на задоволството“ во август беше премиерно прикажан пред македонската публика и беше одлично прифатен на затворањето на 22. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Минатиот месец ја доби и наградата за најдобар долгометражен филм на фестивалот „Ин д плејс“ во Софија, а со највисокото признание се закити и во Панама на фестивалот „Канал де панама интернешнал филм фестивал“.
Политичкиот трилер на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на својата најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
„Бизнисот на задоволството“ ќе биде и дел од програмата на годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.