Националната опера и балет со балетската претстава „Ла Ла Ла“ гостува вечерва во
Прилеп. Балетот ќе биде изведен во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ од 20 часот.

– ЛА ЛА ЛА!!! За оние што сонуваат… Музиката предизвикува толку многу чувства
во нас спомени, копнежи, мечти… Носталгија; работи поврзани со нашето минато.
Сентиментален копнеж за среќа, за едно време во кое живеевме и луѓето со кои сме ги
делеле тие спомени. Никој не може да го оживее тоа време,тоа сеќавање како една добра стара музичка лента. Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и испише една нова страна во книгата на нашиот живот. Секоја миксана лента не води на едно носталгично патување, раскажува една приказна од различно време. Се е во нас, а не таму каде живееме. Не постојат граници, ние самите си ги поставуваме, но ако сме доволно отворени, оптимистични и ако веруваме во нас,тогаш целиот свет ни е на дланка. Прегрнете ги спомените и чувајте ги блиску до срцето. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Се што ни е потребно е само да живееме, а музиката е таа која не води на незаборавни патувања. ЛА ЛА ЛА! – стои во информацијата за балетот.

Кореограф е Саша Евтимова, музика е избор од Македонски шлагери, идејата за костимите е на Саша Евтимова, светло мајстор е Милчо Александров. Во балетот играат Саша Евтимова, Ангела Велевска, Христина Наќевска, Симона Колиштркоска, Ангела Богатинова, Бојана Христовска Хорсеау, Ивана Димкоска, Меланија Гоцевска, Мартина Димовска, Игор Веланоски, Ендру Кук, Мирослав Митрашиновиќ,Кристијан Јангос, Агим Бафтии, Мартин Саздовски, Никола Хорсеау и Веселин Трајковски.

Гостувањето на балетот е поддржано од Министерството за култура. Ка.М.