Вечерва, со почеток во 19 часот ќе започне програмата на 14. издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ во организација на Младинскиот културен центар – Скопје.
Публиката ќе има можност да погледне 17 различни музички артисти од 6 земји од Европа. Оваа година, програмата претставува вистинско изобилство од музички артисти кои пленат со своите настапи во живо, претставувајќи сериозна музичка разгледница од светот.
Во рамките на програмата селектирана од младата издавачка куќа и колектив „Гола планина / Мртов коњ”, публиката ќе има можност да ги чуе младата дарквејв артистка ATA (Македонија), енергичните KLOTLJUDI (Србија), дрон/фолк артистот СТОЈ, ПОСЛЕ! (Македонија), панк-рок изведувачот “DIMISH” (Македонија), инди составот ZANADU (Македонија), психоделичните VAGINA CORPORATION (Македонија) како и електронското дуо Пепи и Шабан.
Оваа година, Младинскиот културен центар оствари тесна соработка со Холандската амбасада во Скопје, каде со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршката од партнерите од европската мрежа Лајвјуроп (Liveurope), ќе се реализира музчката програма насловена како „Liveurope & NL” селекција. Во неа, публиката ќе ги проследи настапите на иновативните VELOCITY MADE GOOD (Холандија), експлозивното трио HOUSEPAINTERS (Холандија), соло проектот и хрватскиот хит IDEM (Хрватска), панк изведувачот TANDARA (Хрватска) како и полските џез експериментатори KOSMONAUCI (Полска). Истовремено, на еден од надворешните ѕидови на МКЦ е нацртан мурал од страна на еден од најактуелните ротердамски артисти, Јорен Јошуа. Во рамките на холаднската програма на „Здраво млади“ ќе биде организирана и работилница за графити уметност и карактери со македонските графити уметници Иван Петрушевски – Флим, Блаже Атанасков – Нејм и Цветан Неделковски – Хром. Публиката ќе има можност да вкуси и автентична холандска храна и да го посети мини саемот на холандска литература.
Во соработка пак со холандската издавачка куќа YUGOFUTURISM, „Здраво млади“ ќе ги угости интензивното нојз трио TEXOPRINT (Холандија), андерграунд нојз- поп сензацијата SØWT (Холандија), кантавторката EERIE WANDA (Холандија/Хрватска), како и диџеј сет на независниот промотер, агент и менаџер на издавачката куќа YUGOFUTURISM, Кун Хегде или диџеј VIKENDICA. Свој диџеј сет ќе има и резидентниот диџеј на „Здраво млади“ уште од своето прво издание, Диџеј Фиц од Ирска.
Програмата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, Холандската амбасада во Скопје и мрежата Лајвјурол.
Влезот на 14. издание на „Здраво млади“ е слободен и отворен за посетителите.