Куриозитет е тоа што премиерата на филмот коинцидира со неодамнешното исчезнување на поранешниот премиер Никола Груевски, односно неговото бегство од издржување на затворската казна и гласините за неговото киднапирање

Македонскиот филм „Еј!“ на Васил Христов во кој е раскажана приказната за исчезнатиот премиер, тема што сосема случајно се совпадна со актуелните политички случувања, го имаше своето премиерно прикажување во неделата во киното „Милениум“, на затворањето на годинашниот, „Синедејс“, а од 22 ноември ќе се најде на редовниот репертоар на киното „Милениум“ и во „Синеплекс“. Филмот „Еј!“ е снимен пред 10 години, без никаква финансиска поддршка од тогашниот Филмски фонд, предводен единствено од ентузијазмот на режисерот Васил Христов и од 17 актери, здружени во неформалниот „Еј Колектив“.

Жанровски станува збор за политичка сатира што било и причина да заглави во фазата на постпродукција, за која режисерот своевремено не можел да добие поддршка, но пред неколку месеци Агенцијата за филм ја помогнала постпродукцијата за проектот да биде завршен и играниот филм да биде прикажан. Сепак, филмот не е доснимен и сè што гледа публиката е снимено во шесте недели од 24 декември 2008 г. до 3 февруари 2009 година.

„Еј!“ раскажува за спиритуална сеанса на група пријатели на една ноќна забава кога на шега се обидуваат да го повикаат духот на Александар Македонски, но наместо него, меѓу нив се материјализира премиерот на земјата. Набргу низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот премиер. Преку ноќ групата пријатели без намера стануваат грабнувачи на премиерот, а тој нивни несакан заложник.

Режисерот Христов сценариото го напишал во соработка со Оливер Митковски и со Николина Кујача, кои и учествуваат во филмот. Според него, филмот, пред сè, треба најмногу да им се обрати на младите и бунтовни интелектуалци бидејќи, како што вели, верувал дека тие се единствената сила што евентуално може да ја поттикне бурата за промената. Во актерската екипа се: Кирил Коруновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Александар Микиќ, Игор Ангелов, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Мијатовиќ, Марија Новак…Директор на фотографија е Душан Кардалевски.