Во организација на „Локомотива“ – центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, до 11 јули во земјава ќе се одвива истражувањето „Тивко трио“, во рамките на кое вчера беше одржана и работилница со наслов „Поместени тела, поместени објекти“, со уметниците Кристина Чупке и Дарко Драгичевиќ од Берлин.
Чупке и Драгичевиќ ја истражуваат во Македонија меѓусебната врска помеѓу природата и објектите создадени од човекот, а самиот проект се одвива низ различни поглавја. Започнат е во јануари 2020 година и ќе заврши во ноември кога ќе има премиера на фестивалот „Отворени простори – Танцфабрик Берлин“.
– Кристина и Дарко упатуваат на различни слоеви од нивното истражување и на искуството од нивното патување во поранешна Југославија кога ги посетиле спомениците изградени за време и по претседателството на Тито, помеѓу 1960 и 1989 година. Овие споменици биле замислени да траат и да надживеат многу генерации, политички турбуленции и општествени пресврти. Нивниот траен и архитектонски изглед им оставил впечаток на уметниците, потсетувајќи ги на присуството на дрвјата – велат од „Локомотива“.
Уметниците имаат цел да посетат осум споменици за време на нивниот двонеделен престој. Тие соработуваат од 2018 година. Досега Кристина Чупке учествувала во повеќе проекти на Дарко, вклучувајќи ги „Неуспехот како пракса“, „Лагата и кражбата како пракса“ и други.