Нова студија тврди дека научниците ја игнорирале улогата на жените керамичари во Грција околу 3.000 години наназад и дека овој неуспех може да говори за последователната слепа точка што ги вклучува половите

Насликани на огромната Дипилонска амфора, глинена вазна стара речиси 2.800 години од Грција – силуетните фигури опкружуваат труп во погребна сцена. Амфората висока околу пет метри е една од многуте насликани вазни од таканаречениот мајстор на Дипилон. (Дипилон е името на портата на гробиштата во близината на местото каде што е пронајден овој сад.) Историчарите претпоставуваат дека тој мајстор бил маж. Всушност, веќе одамна се претпоставува дека машките занаетчии ја изработувале иконската грнчарија на античкото грчко општество низ неговата историја. На крајот на краиштата, Античка Грција не е позната по свои записи за права на жените и за нивните придонеси. Пред околу 2.400 години, Аристотел напишал „мажот по природа е супериорен, а жената инфериорна“.
– Никој навистина не помислуваше дека жените се занимавале со изработка на оваа керамика. Немаше аргумент. Само беше земено како стандардно – вели Сара Мареј, професорка по класична археологија на Универзитетот во Торонто.
Но во неодамнешна статија објавена во американски весник за археологија, Мареј и двајца нејзини студенти ги оспоруваат овие претпоставки. Тие тврдат дека жените биле главно одговорни за керамиката во барем една значајна ера од античката грчка историја. Нивната анализа ги дефинира археолошките прашања во врска со полот и дава покохезивна слика за животот за време на еден од најмистериозните периоди на Античка Грција. Таа исто така зборува за поголем напор во истражувањето на историјата на човештвото: прашувајќи се како модерните пристрасности имаат искривено разбирање за минатото.

Грчкото рано железно време – кое вклучувало, како што го нарекуваат научниците, протогеометриски и геометриски период – траело од околу 1050 година пр. н.е. до 700 година пр. н.е., но ниту еден пишан запис не преживеал од овој период.
– Грнчарството е сидро на сè што може да кажеме за едно општество, но мислам дека тоа е проблематично – вели Мареј. Научниците верувале дека оваа керамика е направена од мажи затоа што историските записи и класичните текстови претставуваат слика на општество во кое доминираат мажите низ различни периоди од грчката историја. Но Мареј и нејзините колеги не се согласуваат со таа анализа. Од една страна, тие тврдат дека родовите улоги можеби се промениле во периодот на раното железно време или т.н. мрачен период на Грција. Овој аргумент го темелат делумно на историски докази дека периодот бил толку економски и политички различен од раскошните палати на претходното бронзено време, зголемувањето на популацијата и социјалната сложеност на архајскиот период. Спротивно на тоа, доказите од мрачниот период укажуваат на пад на популацијата. Според Мареј, кога општествата имале многу земја и малку луѓе, жените имале тенденција да го водат производството на керамика. Таа и нејзините колеги исто така укажуваат на сликите на керамиката како доказ за нивната теорија. Керамиката во периодот е дефинирана со нагло менување на геометриските обрасци на вазните, како оние на Дипилонската вазна.

Научниците традиционално ги опишувале тие обрасци како една фаза во уметничката еволуција на грчките мажи. Мареј и нејзините студенти изградиле сосема поинаков случај: оваа промена кон геометриската уметност на керамиката сугерира врска со ткаењето, а жените се речиси секогаш ткајачки.
Погребните сцени на керамиката исто така навестуваат на придонесите на жените. Дури и во многу приказни на античкото грчко општество што ги имаат мажите како свои протагонисти, жените играат голема улога во погребните ритуали. Тие ги подготвувале телата за погреб, воделе поворки, па дури и професионално жалеле – традиција што траела до пред некое време. Женските и детските гробници од тој период вклучуваат разновидна керамика, многу повеќе отколку машките гробници. За разлика од вазните од архајскиот период опфатени со воени сцени и со епските воени песни од оваа ера, повеќето садови од раното железно време го доловуваат светот на грчките жени.

Надоврзувајќи се на многу вакви докази, Мареј тврди дека жените би можеле да бидат вистинските занаетчии што стојат зад античката грчка керамика.
Но поголема цел на Мареј не е да идентификува кој работел на индивидуални дела. Наместо тоа, новиот труд предизвикува загриженост дека досегашните научници можеби не успеале доволно да ги разгледаат доказите затоа што тие проектирале свои идеи за полот и уметноста на античкиот свет.