Модест Мусоргски (1839-1881) е еден од композиторите од прочуената „Руска петорка“ (заедно со Мили Балакирјев, Цезар Кјуи, Александер Бородин и Николај Римски-Корсаков), чија цел била создавање чиста руска музика, ослободена од странските влијанија и целосно доследна на руската култура и руското национално културно наследство.

Мусоргски се родил и пораснал во (и материјално и духовно) исклучително богато семејство. Под будното око на мајка си, тој растел со клавишите на пијаното, со музиката на Франц Лист. Во младоста посетувал воено училиште, по чие завршување добил работа во Руската царска гарда. Таму се запознал со Балакирјев и, под негово влијание, ја напуштил работата и целосно ѝ се посветил на музиката, особено на компонирањето. Операта „Борис Годунов“ го извишила во редот на славните, а неброените соло-песни, други опери, дела за пијано, оркестарски композиции (меѓу кои најпозната е „Ноќ на голото брдо“) ја зацврстиле неговата позиција на врвот. За жал, онолку колку што ја сакал музиката, Мусоргски ја сакал и вотката. Бил страстен и тежок алкохоличар. Во доцните години неколкупати бил на работ на смртта како последица од неконтролираното опивање. Кога зависноста од алкохол станала навистина страшна, заедно со сиромаштијата во која западнал по губењето на семејното богатство, тој потонал во длабока депресија од која не успеал да исплива до крајот на својот живот.

Неодамна првпат ја слушнав „Солза“ на Мусоргски. Едноставна, а раскошна композиција за пијано, со интересна полифонија еднакво блиска и на барокот и на романтизмот, а импресионистички обоена. Кога би требало со музика да опишам една солза или еден плач, би го направила тоа токму со оваа композиција. Како што напишал Мусоргски во едно писмо: „Мојата музика мора да биде уметничка репродукција на човечкиот говор во сите негови најсуптилни нијанси. Звукот на човечкиот говор, како надворешна манифестација на мислите и чувствата, мора, без преувеличување и насилство, да стане вистинита, прецизна музика“.

Лада Шоптрајанова Петровска