Амбасадорката Марија Ефремова посочува дека aмбасадата била инспирирана за оваа изложба, со која им го честита изминатиот осмомартовски празник на сите жени, од поддршката што папата Франциск ѝ ја дава на жената во сите сегменти на општествениот и социјалниот живот

Сликарката Симонида Филипова Китановска во амбасадата на Република Македонија при Светиот Престол, Ватикан, во Рим се претставува со 23 акварели на самостојна изложба, која под наслов „Жените, основа на светот“ е отворена по повод 110-годишнината на Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Амбасадорката Марија Ефремова посочува дека aмбасадата била инспирирана за оваа изложба, со која им го честита изминатиот осмомартовски празник на сите жени, од поддршката што папата Франциск ѝ ја дава на жената во сите сегменти на општествениот и социјалниот живот.
– Инспирацијата од зборовите на папата дека „Жената е таа што го прави светот убав, способна да го оживее човештвото, да му даде надеж на светот, да биде цврста основа на верата“, се отсликува во убавите бои и енергични потези на вештата рака на Симонида – вели меѓу другото амбасадорката Ефремова.
Симонида Филипова Китановска пролетва повторно ќе настапува и на најголемиот фестивал за акварел во светот „Фабријано ин акварело“ во Италија, каде што ќе има и едночасовна презентација на својата техника онлајн во живо. Кон крајот на оваа година свои дела ќе изложи и на самостојна изложба во галеријата „Зест“, во Стокхолм, Шведска.
Минатата година таа учествуваше на 6-то Меѓународно биенале на акварел во Белград, а во кафулето „Ли“ ги изложи своите дела во големи формати: туш на платно, комбинирана техника. Таа е редовна учесничка на колониите за акварел и на фестивалите во различни земји, каде што држела и работилници, но и демо-презентации на својата акварелна техника.
– Овие манифестации по правило се извонредно организирани, промовирани, привлекуваат публика и артисти од сите краишта на светот и се извонредна шанса за добивање прецизна слика за современото акварелно сликарство денес во светот. Секако, тука се и новите познанства, новите покани за изложби или фестивали – вели уметницата.
Во нејзините акварели се присутни мотиви од природата: птици, цвеќиња, меѓу другото,и мотиви од Охридско Езеро.

– Мојата перцепција, секако, би била поинаква да ја немам среќата да живеам во куќа со прекрасен двор, кој е мешавина од џунгла и зоолошка градина, во кој работите постојано ги менуваат својата форма и боја. Сметам дека природата е неспоредливо посилна и позначајна од каква и да е манифестација на бескрајноста на човековата глупост, вклучувајќи ги и лошото урбано планирање, загадувањето – вели Филипова Китановска.
Таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Од 1991 до 1997 година живееше и работеше во Бостон, САД, а членка е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1988 година.

Нејзини дела се изложувани на повеќе од стотина групни изложби во Македонија, Хрватска, Србија, Франција, САД, Германија, Холандија Австралија, Романија, Ерменија, Грција, Португалија, Босна, Тајланд, Канада, Перу, Малезија, Индија, Италија и други земји. Има статус на слободен уметник, а активна е и како илустраторка на книжевни изданија и како инструкторка по цртање и по сликање. Добитничка е на повеќе награди: најдобра апстракција на Биеналето во Костарика, Сан Хоан; „Вангел Коџоман“ и „Димитар Пандилов“ – сликарство, мал формат; „Остен-уметник на годината“; гран при на Интернационалниот конкурс на акварел во Скопје и др.