На изложбата „Арт/Војна/Транзиција“, Павлески учествува со награденото дело „Архитектони – структури 2“

Македонскиот уметник Станко Павлески учествува со скулптура на изложбата „Арт/Војна/Транзиција“, која е отворена во Музејот на модерната и современата уметност во Риека, европската престолнина на културата за 2020 година. Со свои дела до октомври, во повеќе нејзини фази и сегменти, ќе учествуваат голем број хрватски и странски уметници, меѓу кои се и Владо Мартек, Сандра Витаљиќ, Адолф Зика, Младен Стилиновиќ, Ксенија Могин, Игор Рукавина, Сенка Барушка, Предраг Тодоровиќ, групата „Ирвин“, „Лабис“, „Петља“, „Трафик“, „Театар Рубикон“, а ќе бидат претставени и повеќе дизајнери преку плакати, списанија, каталози, книги, фотографии и разни архивски материјали.
– Изложбата поаѓа од годините на распадот на СФР Југославија, реферирајќи на 16-то Биенале на младите југословенски уметници и на раните „воени“ изложби, меѓу кои се и таа на воени плакати „Дежа ви 1941-1991“ („Deja vu -1941– 1991“), двете од 1991 година.

Според кустосот Бранко Церовац и уметникот Славен Тољ, во својство и на директор на Музејот на модерната и современата уметност во Риека, кои ја конципираат и курираат изложбата, станува збор за радикален изложбен проект на презентација на клучните моменти, сегменти, поетики, медијализации и иновативни уметнички практики, кои се прекршувале и вкрстувале на новата и современа риечка арт-сцена во последните триесетина години. Од Бранко Церовац бев информиран за подготовката на изложбата и дека во нивниот избор е вклучено и моето дело „Архитектони – структури 2“ (1990/1991, заварувано и боено железо), за кое на 6-то Биенале на младите југословенски уметници во дамнешната 1991 година бев награден за скулптура – вели Станко Павлески, укажувајќи дека досега таа скулптура не е изложувана во Македонија.

Со Хрватска во овој период него го поврзува и уште една информација за уметнички настан. Имено, здружението „Раддар“ од Сплит, селектира две дела на уметничката група „Патем“, чиј член е и Станко Павлески, заедно со авторите Весна Дунимаглоска и Ѓорѓи Крстевски, за учество на изложбата со наслов „Имејл арт: внатрешна подвижност“, која е планирано да се одржи во Сплит во 2021 година. Селектирани се две видеодела што групата „Патем“ ги приложила: „Читање тисовина“ и „Ботичели и Мантења“. За селектираните дела одлучувало жирито во состав Соња Шверц Шпањол, Бранко Церовац и Божо Кесиќ, а биле избрани дела на дваесет и шест автори и уметнички групи.
Изложбата „Имејл арт: внатрешна подвижност“ треба да се одржи во сплитскиот Мултимедијален културен центар, а делата ќе бидат презентирани и на онлајн изложба на веб-страницата на здружението „Раддар“.