За почетокот на годинава е најавено објавувањето на новиот роман на Мишел Уелбек, познат како лошото момче на француската книжевност, роман за бунтот на средната класа. Овој роман на контроверзниот писател, кој својата слава ја стекна со романите за секс-туризмот, мизогинијата и исламизацијата на Франција, е насловен „Серотонин“, по хормонот на среќата. Француската издавачка куќа „Фламарион“ на крајот на минатата година, како што пренесуваа и дел од медиумите, најави тираж од 320.000 примероци, а дел од францускиот и светски печат го стави во контекст на актуелното движење на жолтите елеци. Најпрвин овој роман беше најавуван како роман за љубовта, со оглед на фактот дека Уелбек третпат се ожени, но подоцна медиумите истакнаа дека тој всушност ќе ги проблематизира современото општество, политиката и стопанството.

Четириесет и шестгодишниот јунак на приказната Флорент Клод Лабруст, кој зад себе има еден пропаднат брак, е незадоволен со својот статус, со работата и животот и бара лекарска помош за депресијата што ја има, по што и ќе дојде до лек што треба и да му го активира хормонот на среќата.

Се претпоставува дека ниту во ова дело Мишел Уелбек нема многу да се оддалечи од својата дистописка слика за Франција, која сега се темели на актуелниот бунт на средната класа против политичката и стопанските елити.