Надреално интригантен, бунтовен и ексцентричен, Салвадор Дали во својот дневник напишал „ќе бидам генијалец и сите ќе ми се восхитуваат. Можеби ќе бидам погрешно разбран и потценет, но ќе бидам величествен гениј. Во тоа сум сигурен“. Многу негови современици го сметаа за неталентиран шарлатан, но времето ги демантираше. Салвадор Дали, беше запаметен како еден од најважните уметници на 20 век, кој остави неизбришлив белег, пренесува порталот „10 нај“.

Дали бил избркан од училиште затоа што јавно изјавил дека верува оти никој не е доволно компетентен за да ги процени и оценува неговите знаења. Не станувало збор за никаква идеологија, тој само сакал неговиот татко да го финансира неговото патување и студиите во Париз.

Тој претпочитал и избрирал мали и збиени места за својата креативна работа. Затоа, меѓу другото, тој ја претворил кадата восвојата бања во работно место.

Дали бил убеден дека  всушност е реинкарнација на неговиот брат со истото име, кој неговата мајка го родила во 1901 година, а кој починал кога имал помалку од две години. По тој несреќен настан, мајката на Фелипе раѓа уште едно дете, на кој му го дава пак името Салвадор.

Тој е основач на холографијата во ликовната уметност. Многу негови дела се засноваат на оптички илузии.

Салвадор Дали докажал дека тврдењето според кое генијалците генерално малку спијат е вистина. Тој вообичаено се одморал на својата омилена фотелја. Меѓутоа, кога ќе се сместел удобно во фотелјата, држел сребрена лажичка во рака, а кога таа ќе му паднела поради неговата опуштеност, тоа значело дека е време да се разбуди и да продолжи да работи.

Објаснувајќи каде ја добил инспирацијата за познатото дело „Упорноста на меморијата“, во која се познатите растопени часовници, тој одговори дека идејата за сликата му дошла додека гледал како сирењето камембер полека се топи на сонцето.

Средбата на двајца големи умови од 20 век, Салвадор Дали и Сигмунд Фројд, се случила на 19 јуни 1938 година. Дали искрено го ценел Фројд и го сметал за најзаслужен за неговите креации, затоа што тој е основачот на несвесното. По средбата со Дали, Фројд забележал „знам дека надреалистите ме прифатија како свој светец, но ги сметав за комплетни лудаци. Овој млад Шпанец, со искрени и фанатични очи, со неспорно мајсторство, ме принуди да го преиспитам својот суд“.

 Дали исклучително ја почитувал и работата на Пабло Пикасо, па по неговото прво пристигнување во Париз, тој побрзал да го запознае. Во таа прилика, Дали возбудено му рекол „голема чест е да те запознаам. Сè уште не сум отишол во Лувр, прво дојдов тебе да те видам“, на што Пикасо со насмевка на лице му рекол „добро си направил“.

Еден од неговите најпознати цитати e „ако се однесуваш како генијалец, ќе станеш генијалец“.

„Кога имав шест години, сакав да бидам готвач, во седмата веќе сакав да бидам Наполеон. Оттогаш, моите амбиции постојано растеа“. Со овие зборови, Дали ја започнал својата автобиографија.