Хана Корнети, авторка

„Млечни заби“ во издание на „Или-или“ е дебитантска книга на Хана Корнети, инаку добитничка на втората награда за краток расказ на конкурсот на „Нова Македонија“. Има добиено и награда за драмски текст на Здружението на драмски писатели и сценаристи. Авторка е на неколку раскази објавени во меѓународни списанија.
Преку збирката раскази „Млечни заби“ таа ја приближува својата генерација на лица родени во 1990-тите години преку прикажување на нивните внатрешни светови и интимни универзуми

„Млечни заби“ има жива и природна нарација. Флуидно ви тече мислата, лесно се голтаат зборовите, чии внатрешни светови декодиравте?
Ако зборуваме конкретно за ликовите, се потрудив да го декодирам внатрешниот свет на деца и млади личности родени во 1990-тите и фазите на растењето поврзани со тој период. Тоа не ми беше свесна цел, но велат дека треба да пишуваме за она што го знаеме, кое ни е блиску, кое нѐ тангира. Изгледа дека младоста е бурна, бидејќи е време на внатрешна борба за оформување некаков идентитет, кога внатрешните вредности, желби и идеали често се косат со светот околу нас. Секако, младите се соочуваат со тешки проблеми, како загуба на близок човек, и со полесни проблеми, како соочување со фактот дека е потребна некаква преобразба, која понекогаш произлегува во миг на хистерија поради некомпатибилноста на она што го знаеме со она што го гледаме пред нас. Од друга страна, кога сакаме да ги разбереме другите, се земаме себеси како појдовна точка. Тоа што ме одвело до декодирање на тие светови се веројатно прашањата и ситуациите што ме мачат мене и оние околу мене, бидејќи сите сме, нели, длабоко, исти. Понекогаш е доволно да се постави одредено прашање во нова рамка за да ми даде мене, како писател и (се надевам) на читателот, некакво примирје во битката, спокој во неспокојот.
Како се врзуваа речениците?
– На секој расказ му требаше време да созрее, така што дури и кога речениците си доаѓаа, не сите од нив преживеаја во вторите, третите, финалните верзии. Тоа не важи само во случаи кога се променило самото дејство. Поопшто, важно ми беше да нема одвишност во текстовите, така што врзувањето на речениците, колку и да дошло лесно на почетокот, на крајот беше предмет на преиспитување и потврдување дали е навистина потребно, дали нешто додава во расказот и во читателското искуство. Времето на читателот е скапоцено и, според тоа, треба да има оправдана причина за постоењето на секој збор. Кога истражував текстови за „занаетчиско“ пишување, налетав на есеи на Чак Паланик, во кои зборува за концепт што го нарекува „јазик на телото“, но во буквална смисла, јазик што го чувствува телото. Идејата е кога се опишува нешто, да се опише на начин што читателот може тактилно да го замисли. Не „устата ми е сува“, туку „како устата да ми беше полна со песок“.
Колку вистински ликови стојат зад Иги, Стамен, Јоцо, Ана Марија?
– Најчесто, идеите за раскази се раѓаат во главата, поттикнати од реални ликови или ситуации. Откога ќе се дооформат ликовите и ќе се најдат во ситуацијата во која сум ги „бапнала“, знаат самите, на свој начин, да го обојат текот на приказната. Но тоа дооформување значи ликот да почне (барем за мене, таа што го „расте“) да отскокнува од страната. Сепак, самите ликови и ситуации не се ниту базирани на конкретни „соперници“ или „дупликати“ од вистинскиот свет. Тие се мозаик направен од парчиња од луѓе, слики, замисли, наслушнати и сонувани приказни. Но аналогијата на мозаикот е проблематична, бидејќи создава импликација дека ликот е искршен, фрагментиран. Колку и да се чини фрагментиран идентитетот на еден лик, повеќе ми се допаѓа аналогија на амалгам, слеаност на разни метали (или извори) во една нова целина. Во секој случај, важно е откога ликот ќе се создаде, да се сака. Инаку, за мене и обратното е вистина, работи што се случуваат во книги или дури и мои раскази да имаат влијание на тоа како живеам или перципирам.
Има ли вистина во реченицата „тие што зборуваат најмалку, носат најмногу нераскажани приказни“?
– Луѓето се молчаливи од различни причини, но секој има потреба да раскажува, иако некои од нас сѐ уште не си го нашле најпогодниот начин на изразување. Други, пак, можеби не наишле на вистинскиот слушател. Мислам дека понекогаш луѓето или не се свесни колку се интересни, или не се свесни дека не се единствените што шетаат со демони на плешките. Понекогаш ни фали да сфатиме дека сите сме во иста каша, за да им дозволиме на приказните да излезат.
Жубори ли во вас некој нераскажан роман?
– Да! По сѐ изгледа дека ќе следува некоја откачена фантазија за вештерки, животната средина, носорози, испреплетени судбини, малку нихилизам. Искрено, се надевам еден ден да им го дадам на другите она што моите омилени книги, романи и раскази ми го дале мене: сакам да изградам свет во кој читателот ќе сака да се изгуби.
Од ваш ракурс, колку во матичната држава се цени и вреднува расказот како форма, но и воопшто книжевноста?
– Не сум баш авторитет на темава, но мислам дека има доста конкурси за краток расказ (конкурсот на „Нова Македонија“, конкурсот „Живко Чинго“…), кои поттикнуваат автори, и оние што се искусни и оние што првпат ги испитуваат своите пишувачки способности или тенденции, да се испробаат. Инаку, бидејќи Македонија е мала држава, мала е и читателската публика. Не сум сигурна дали автори и издавачки куќи би успеале без поддршката на Министерството за култура.