Издавачката куќа „Антолог“ ја најавува промоцијата на книгата раскази „Не правете им сенка на гробовите“ од младата македонска авторка Дијана Петрова. Настанот ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, пред платото на МКЦ. Промотори на книгата ќе бидат Фросина Пармаковска и Марија Гиревска, а модераторка Тамара Котеска.
Дијана Петрова дипломирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. „Не правете им сенка на гробовите“ е нејзина втора објавена книга, по „Бдеењето над себе“ од 2018 година.

– Гнев, сладострастие, алчност, гордост, мрзливост, завист и ненаситност се седумте смртни гревови – страшните искушенија на човековата душа. Збирката „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова е обид да се натераат читателите да го забележат она што вообичаено им се искрадува од погледот. Преку отелотворувањето на седумте смртни гревови во тела и во дела, овие раскази длабоко допираат до нашите сетила и свест. Преку ликовите што се доведуваат на работ на лудилото се прикажува апсурдноста на постапките во животот и се поставува прашањето: дали тоа што смртта е неизбежна прави таа да биде нелогична? – вели издавачот.