Во Кино Одеон во Софија, денеска со почеток од 18.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Манаки – приказка во слики“ од Роберт Јанкулоски.

Продуцент, режисер и кинематографер е Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски; монтажа – Блаже Дулев; музика – Горан Керкез; дизајн и звук – Дарко Спасовски.

Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините Браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст. Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот Манаки – приказна во слики се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти.

Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.

Настанот се реализира во соработка со Бугарската национална филмотека, со помош на Културно информативниот центар на РСМ во Софија.