Изложбата „1.000 години Бигорски манастир“ е поставена во Музејот на македонската борба за самостојност, а е реализирана во соработка со Бигорскиот манастир и ансамблот „Македонија“. Изложбата дава пресек на духовното и материјалното богатство на манастирот во неговата богата историја од илјада години постоење.
– Дел од изложените материјали се и осум олтарни, две чудотворни, две тронски икони, кивот од капакот на моштите, како и особено драгоцени и вредни предмети од 18, 19 и 20 век – митра, игуменски крст, епетрахил, жезол, рипиди со серафими – соопшти Музејот.
Изложбата е отворена за сите посетители од 19 до 28 ноември 2021 година, во согласност со актуелните мерки и протоколи за заштита од ковид, а влезот е слободен.
Бигорскиот манастир бил основан од монахот Јован во 1020 година.

Во 16 век манастирот бил разурнат од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останала само мала црква, а повторно е обновен во 1743 година од јеромонахот Иларион, кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време. Манастирот бил изграден од бигор, оттаму потекнува и неговото име Бигорски.
Бигорскиот манастир е комплекс што го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Свети Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплекс манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци… Иконостасот во манастирската црква е еден од најубавите во земјава, но и пошироко. Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е прекрасниот и единствен од ваков вид во православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои по својата вештина на обработка на дрвото останале ненадминати и до денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски-Гарката од с. Гари, со својата тајфа, и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835 година.