Во Драмскиот театар првпат пред македонската публика, по повеќегодишни обиди, премиерно беше изведена првата догме-претстава „Прослава“ во режија на Зоја Бузалковска. Публиката, која го исполни театарот до последното место, воодушевено ракоплескаше, не само на крајот, туку и за време на самата претстава. Обидот да се претстави догме-филм на театарска сцена значи несомнено храбар и комплициран процес, но напорната работа, трудот и поврзаноста на актерската екипа заедно со другиот дел од тимот што работел на претставата, се гледа зад позитивниот резултат, како што беше изведбата во петокот.

Публиката се чувствуваше како да е дел од самата претстава. Владееше непријатно но возбудливо чувство, како човек да присуствува на настан на кој ќе чуе нешта за кои знае дека би било подобро да не ги чуе никогаш. Па чувствува дека треба да стори нешто околу тоа, но гледајќи дека никој ништо не презема, и тој останува да седи со прекрстени раце. Токму тоа е и идејата на „Прослава“.

„Прослава“ е театарска адаптација на Дејвид Елдриџ на филмското сценарио на истоимениот филм на Данците: Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо Хр. Хенсен.

Станува збор за современа трагедија, која е критика на моралната инерција на општеството, драма што се занимава со расчистување со хипокризијата на „здравото“, „големо“ патријархално семејство преку претставување на една семејна прослава на која се одбележува шеесеттиот роденден на таткото Хелге, во мрачната сенка на неодамнешното самоубиството на една од ќерките на Хелге, близначка со неговиот постар син, Кристијан. „Прослава“ претставува сложена психолошка приказна, која овозможува возбудлива потрага по најскриените човекови мисли и чувства, потрага што ги испитува границите на издржливоста. Тоа е приказна што се осмелува да говори за мирната површина и за она што се крие под неа, за тоа колку е тешко да се разоткрие светот обмотан во цврстата обвивка на лажниот сјај и идилична атмосфера во која семејството и иднината на децата се најважни од сѐ.

Феноменалната изведба на екипата, која ја сочинуваат актерите: Александар Степанулески, Дејан Лилиќ, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Лилјана Велјанова, Лазе Манасковски… сценографијата на Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска, звучните ефекти на Павле Игновски, светлото на Звездан Миљковиќ, сценските борби зад кои стои Дарко Велиќ, како и костимографијата на Марија Пупучевска и шминката на Јана Гогушевска Мандевска, резултираат со одличен производ, претстава што бара да се погледне повеќепати.