Од 21 до 27 ноември во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани седум филма од шпанската кинематографија. Неделата на шпанскиот филм в среда ќе почне со филмот „Добредојдовте господине Маршал“ на режисерот Луис Гарсија Берланга од 1953 година. Во наредните денови ќе бидат прикажани: анимираниот „Чико и Рита“ во режија на Тоно Ерандо, Хавиер Марискал и Фернандо Труеба од 2010 година; „Југот“ на Виктор Ерис од 1983; „Смртта на велосипедистот“ на режисерот Хуан Антонио Бардем од 1955; „Без срам“ на Јоакин Ористрел од 2011; „Црвената верверичка“ во режија на Хулио Медем од 1993 и играниот филм „Пеперутка“ на Хозе Луис Куерда снимен во 1999 година.