ЕНКАТК, водечката европска мрежа на универзитети за културни политики и менаџмент во култура, која дејствува меѓународно, ја прогласи Биљана Тануровска Ќулавковски за победничка во 2019 година и на 3 октомври во Дижон, Франција, ѝ ја додели наградата за истражување во полето на културната политика и културниот менаџмент за нејзината докторска теза „Теорија на институции и културни политики за современи изведувачки практики“ при Универзитетот за уметности во Белград, Факултет за драмски уметности во Србија.

Нејзиното истражување е оценето како најиновативно и од огромно значење за едукацијата во полето на културната политика и културниот менаџмент, а истото тоа ќе може да се спроведува низ универзитетите во светот, но и во кураторските и управувачките практики во уметноста и културата.

Меѓународното жири на наградата за истражување се состоеше од: Франческа Империале (Италија), Јаиме Алберто Руиз Гутиерез (Колумбија), Елоди Борда Шовин (Франција), Анита Кангас (Финска), Џеру С.И. Лиу (Тајван), Ричард Малони (САД) и Алан Салзенстајн (САД). Покрај Биљана Тануровска Ќулавковски, имаше и финалисти од Швајцарија, Финска и од Австралија, со нивните релевантни придонеси во областа на културниот менаџмент и истражување на политиките. Во изминатите години добитниците на наградите беа од Франција, Италија, Германија и од Јапонија.