Културното богатство претставено на поштенски марки

Изложбата „Културното богатство во марките на ’Македонска пошта’“ е поставена во Музејот на Македонија, во чест на Светскиот ден на поштите. Програмската определба на „Македонска пошта“, во еден значаен дел, да се печатат марки поврзани со културното богатство говори за односот на поштата кон ова наше непроценливо наследство. Преку запознавањето со марките со тема од националниот трезор на културно богатство се верификува неговата вредност, а во исто време граѓаните стануваат свесни за неговото значење и уште повеќе ќе го ценат и чуваат. Преведено со музејски речник, тоа претставува превентивна заштита.
– За жал, малку луѓе се запознаени со изданијата на „Македонска пошта“, така што ваквата изложба дава можност за нивна поширока промоција. Марките се најдобрите амбасадори на нашето културно богатство, бидејќи патуваат низ времето и просторот – велат од Музејот на Македонија.

На дваесетина паноа на изложбата се презентирани стотина марки издадени по различни поводи, тргнувајќи од претставата на резбите во манастирот „Свети Јован Бигорски“, црквата „Свети Спас“, полошкиот иконостасен крст, иконите и фреските од Македонија, како и претставите на верските објекти од христијанската и исламската архитектура и уметност. Изложбата јасно говори дека оваа земја има со што да се пофали и, со самото тоа, дава значаен придонес во градењето на европската и светската култура.

– Живееме во време на брзи технологии, во кои интернетот го зема приматот во комуникацијата помеѓу луѓето. Сѐ помалку се пишуваат писма и се испраќаат поштенски разгледници. Запознавањето со изданијата на марките нека биде повод да се разбуди желбата за пишување писма и испраќање картички, а можеби изложбата ќе потикне некои млади луѓе да станат филателисти, со што и марките би имале своја иднина – додаваат од Музејот.
Изложбата е реализирана во соработка со асоцијацијата за култура ИКОН и „Македонска пошта“.