Во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа концертот „Македонски ноктурна“ на кој настапи пијанистката Ема Попивода. „Македонски ноктурна“ е на композиторот Димитрие Бужаровски.

– Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни: „Зајди зајди“, „Дали паметиш Милице“, „Калеш Анѓа“, „Јовано Јованке“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Деспина“, „Море сокол пие“, „Шеќерна“, „Во влашкото маало“, „Не се бели Маре мори“, „Трнушко“ – велат од ЦК „Марко Цепенков“.

Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистинска амбасадорка на македонската култура во светот. Нејзиниот талент го забележуваат врвни музички имиња уште од најрана возраст. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Попивода ги завршува докторските студии по пијано-интерпретација на ФМУ Скопје, под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски.

Интернационално активна, оваа млада пијанистка ги завршува и студиите на „Моцартеум академија“ во Салцбург, Австрија, и „Дартингтон академија“ во Девон, Англија. Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичниот репертоар, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креаторка и изведувачка.