„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Харковски басни“ на украинскиот автор Григориј Сковорода, во превод од украински на македонски јазик на Ленче Тосева.
Григориј Савич Сковорода (1722 – 1794) бил украински филозоф, поет, учител, композитор на литургиска музика. Просветител, мудрец, учител на животот, бунтовник, моралист, мистик. Предавал поезија, синтакса, етика, грчки јазик, зборувал повеќе јазици, служел во царскиот двор, шетал низ Европа, па талкал низ Украина. Имал силно влијание врз идната уметност, филозофија, образование и украинското општество. Зад себе оставил вредно разновидно творештво, во кое спаѓаат и триесет извонредни авторски басни.
Филозофските трактати на Сковорода се посветени на теми како што се самоспознанието, разумот и човечката среќа. Тие сугерираат дека секој отров нема непријатен вкус; да не тагуваш за изгубените и да не се радуваш на другите; дека ако го достигнеш врвот, ќе бидеш во средината; дека презадоволството води до ситост, заситеноста до досада, досадата, пак, до духовната болка, а тој што страда од тоа не може да се нарече здрав.
Меѓу книжевните дела на Сковорода, највпечатливи се неговите басни, именувани од него како „Харковски басни“, за кои самиот напишал предговор во форма на писмо до пријател. Критичарите го опишуваат неговото творештво како необработен дијамант. Ова е прв превод на творби на Сковорода на македонски јазик, објавени со поддршка на Украинскиот институт на книгата. Во ова издание на басните му претходи и предговор на д-р Ана Витанова-Рингачева.