Ако сакаме да влијаеме врз иднината, мора да работиме на сегашноста и да им овозможиме на младите активно да учествуваат во процесите на одлучување и креирањето политики, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на средбата со млади во Охрид.
На дискусијата „Меѓуврсничко насилство и вандализам: Млади, училишта и дигитален простор“, организирана од Советот за млади во пресрет на Меѓународниот ден на младите – 12 Август, се разговараше за врсничкото и кибер-насилството, поддршката за жртвите, постапувањето во училиштата и можните мерки за регулирање на користењето на социјалните мрежи кај децата и младите.
Силјановска-Давкова оцени дека постојаната изложеност на насилство преку војни, медиуми, филмови и дигиталниот простор влијае врз начинот на кој младите го доживуваат насилството.
– Кога ќе го легитимирате насилството, тогаш не се чудете на ништо – рече претседателката, посочувајќи дека содржините на социјалните мрежи и во медиумите можат да влијаат врз однесувањето во реалниот живот.
Таа предупреди дека пораката „иднината им припаѓа на младите“ не смее да стане оправдување за нивно исклучување од сегашноста.
– Земете ја сегашноста, ако сакате да влијаете врз иднината – порача Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека младите треба да бидат вклучени во одлучувањето на сите нивоа – од училиштата до институциите.
Според неа, борбата против насилството не треба да се сведува само на статистики, бидејќи зад секој случај стои човек со чувства, желби и достоинство. Таа ја нагласи и важноста на непосредниот контакт и дружењето, особено во време кога голем дел од комуникацијата меѓу младите се одвива во дигиталниот простор.
Претседателката посочи и дека вербалното насилство, навредите, омаловажувањето и нетолеранцијата често се потценуваат, иако претставуваат форми на насилство. Според неа, виртуелното однесување понекогаш значително се разликува од однесувањето во непосреден контакт.
– Наместо прифаќање на насилството како начин на комуникација и решавање конфликти, потребно е да се гради култура на почит, разбирање и ненасилно однесување – порача Силјановска-Давкова.
Таа се осврна и на поделбите по етничка и верска основа, нагласувајќи дека припадноста не смее да биде критериум според кој ќе се вреднува човекот, ниту причина за поделби меѓу младите.
За превенција од насилството, според претседателката, потребен е системски пристап во кој ќе бидат вклучени образованието, културата, музиката, филмот, драмата и спортот.
– Мораме систем да создадеме. Сите треба да се активираме за да градиме култура на разбирање, мировна култура, наместо култура на страв – порача таа.
Министерката за култура Весна Јаневска оцени дека агресијата меѓу младите станува сè побрутална, а особено загрижува тоа што насилните инциденти се снимаат и објавуваат на социјалните мрежи.
Таа посочи дека, покрај семејството, врз однесувањето на младите влијаат и медиумите и дигиталниот простор. Во таа насока, како што рече, Министерството за образование и наука во соработка со Комората на психолози спроведува обуки за наставници за препознавање на раните знаци на агресија и проблеми во семејството. Досега се опфатени 30 општини.
Јаневска најави дека превенцијата од насилството ќе остане приоритет, вклучително и следење на ефектите од обуките и создавање база за подобра превенција.
Меѓу мерките ги посочи програмите за превенција од насилство во училиштата, поголемото присуство на наставниците во ходниците и училишните дворови, прирачниците за справување со врсничкото насилство и активностите против кибер-насилството. Најави и законско решение со кое би се предвиделе казни за родителите на деца кои вршат насилство.
Според Јаневска, промената не може да се постигне само преку училиштето или семејството, туку бара ангажман на целото општество.
– Менувањето на менталитетот не е нешто што се случува денес-утре, туку процес што трае и кој не може да го направи само семејството или само училиштето – тоа го прави целото општество – порача министерката.

































