Во Музеј-галеријата во Кавадарци вчера беше отворена изложба на портрети насловена како „Несознајно“ на ликовниот уметни Филип Коруновски од Велес. Коруновски моментно работи како сценограф и визуелен уметник во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Дека театарот е дел од неговиот живот и секојдневие многу лесно може да се забележи уште на првата средба со неговите портрети и начинот на кој преку сопствениот ликовен израз ја слика емоцијата во секој лик и ја раскажува индивидуалната приказна на секој портрет како актерска роља на театарската сцена.

Филип Коруновски досега има реализирано десетина самостојни изложби во Македонија и странство. Дипломирал на факултетот за Ликовна уметност во Скопје и магистрирал на одделот за скулптура.

Во изложбата со наслов „Несознајно“ уметникот Фили Коруновски нѐ воведува во неговиот свет на драматични ликови, кои како да излегле од некој „ноар“ филм. Ликови кои ги населуваат темните сокаци на некој измислен „стрипски“ град, со слабо улично осветление, полн со опасности и страв. Ликови од полусветот, од сенките, јавните тоалети и запуштените поткровја со дуална природа – и ангелски невини и сензуални. Во таа смисла, светот на Коруновски не е етичен, туку чисто естетичен, на моменти „театрален“ но не толку за да престане да биде реалистичен. А тој ликовен реализам е присутен во телесноста на ликовите преку нивните микроекспресии на лицата кои како да се во постојана потраг по нешто, погледите полни со копнеж и истовремено медативно контенплативни- ќе напише во каталогот Деан Дамјановски д-р на драмски уметности.

Изложбата во Кавадарци ја отворија директорката на Музеј-галеријата Весна Ѓорѓиева и Елица Николова кустос-советник во народниот музеј во Велес. Ми.М.