Самостојна изложба на ликовната уметница Петра Јовановска со наслов „Јас и кругот“
– 25 години ликовно творештво“ е отворена денеска во галеријата „Остен“ во Скопје.

Изложбата е достапна за посета со задолжително запазување на сите мерки за заштита од пандемијата, а неа авторката се претставува со ликовни дела, изработени во комбинирана техника на платно, картон и на хартија.

– Петра Јовановска веќе долг период го истражува кругот и го вметнува во своите дела. Се сретнува во него, се навраќа кон кругот, ги истражува границите на кругот, патува низ кругот, се со цел да направи една целина, едно заокружување. Кругот кој има едноставен геометриски облик, но воедно има и силна и голема симболика и функција за неа. Круг како симбол на нешто, што нема ниту почеток, ниту крај, симбол на бесконечност, една целина. Круг и како симбол на внатрешна слобода, сонце, месечина.
Круг како симбол на вечноста, перфекција, живот, почеток и крај, љубов. Овој пат авторката сака да го зацврсти односот помеѓу себе и кругот, можеби и со цел да се збогува со него и да премине на истражување на некој друг едноставен геометриски облик, можеби триаголник? – стои меѓудругото во текстот по повод изложбата на Јовановска. Таа како графичар тргнува од графичките сегменти изработени во техниката сув печат. Користејќи и други медиуми и ликовни техники како цртеж, слика, колаж, фотографија со дигитална манипулација доаѓа до мултимедијалната техника.

Петра Јовановска досега реализирала 45 самостојни изложби во Македонија, Чешка, Франција, Германија, САД, Хрватска, Полска, БиХ, Србија. Учествувала на повеќе од 300 групни изложби. Оваа изложба е поддржана од Министерство за култура како и од чешката амбасада во земјава.