Јубилејното 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од први до осми октомври. Веќе се познати и добитниците на наградата за животно дело и претставите со кои ќе настапат театрите на ова фестивалско издание, кое поради пандемијата се одржува во овој термин, а не во вообичаениот во јуни.
На свеченото отворање на фестивалот наградите за животно дело ќе им бидат доделeни на актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и на сценографот Крсте С. Џидров. Честа прв да настапи и да го отвори фестивалот ја има МНТ – Скопје со претставата „Мој термин“, по мотиви на Лорен Бафи и Винсенте Виљануева, во режија на Синиша Ефтимов.
До осми октомври ќе бидат прикажани претстави од сите македонски професионални театри. „Театар Комедија“ ќе ја прикаже „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, театарот „Војдан Чернодрински“ ќе настапи со „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец, Кумановскиот театар ќе ја изведе „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драгана Гунин.

Драмскиот театар ќе се претстави со „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Албанскиот театар ќе ја изведе „Мурлин Мурло“ од Кољада, во режија на Кристина Димитрова, додека Велешкиот театар ќе настапи со „Херои 04:33“ од Сашо Димоски, во режија на Деан Дамјановски. Тетовскиот театар ќе ја изведе „Страст и алчност“ од Јуџин О’Нил во режија на Фитим Селими, а штипскиот театар „Едип коментари“ по мотиви од Едип од Софокле во режија на Драгана М. Попова. Турскиот театар ќе настапи со „Славната Флоренс“ во режија на Драгана М. Попова, додека Охридскиот театар со „Крик за љубов“ од Баласко во режија на Лупчо Ѓоргиевски. Битолскиот театар ќе ја изведе „И коњите ги убиваат, зарем не?“ од Мекој, во режија на Мартин Кочовски.
За најдобрите актери, режисери, претстава ќе одлучува жири-комисија во состав: Ѕвездана Ангеловска – актерка и режисерка, Бајруш Мјаку – актер, и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија. На фестивалот ќе се претстават и ФДУ – Скопје и Театарот за деца и младинци, а ќе се одржи и придружна програма, во која ќе бидат промовирани театарски изданија и ќе се одржи трибина на темата „Театарот во ковид-19 – проблеми и решенија“.
Затворањето на фестивалот е на 8 октомври со претставата „Драмски за Конески“. Ка.М.