Пандемијата на ковид-19 драстично влијаеше на посетите на музеите низ светот во текот на 2020 година, кои беа затворени во просек по 145 дена, а многу од нив сè уште не примаат посетители или повторно ги затвораат вратите

Додека за време на „нормалните“ услови повеќе од девет милиони луѓе заземаа позиција пред „Мона Лиза“ на Да Винчи во „Лувр“ во Париз, а половина милион модно освестени лица се појавуваа на пролетното отворање на годишната изложба на Институтот за костимографија во „Метрополитен“ во Њујорк, минатата година работите не беа вообичаени.
Традиционалното годишно истражување на „Арт њуспејпер“ покажа дека стоте најпосетувани музеи во светот имале 77 проценти помалку посети минатата година – од вкупно 230 милиони во 2019 година, бројот на посетители се намалил на само 54 милиони во 2020 година. За разлика од претходните години, кога посетите на индивидуалните изложби беа предмет на годишно истражување на „Арт њуспејпер“, сега фокусот е насочен кон посетата на музеите генерално. Најпосетуваните музеи беа затворени во просек по 145 дена, или вкупно 41.000 дена, што е повеќе од сто години изгубено време. Податоците за бројот на денови во кои тие беа затворени поради пандемијата биле добиени од повеќе од 280 музеи.
Кинескиот музеј „Хубеј“, еден од најголемите во Вухан – повеќемилионскиот град што прв беше целосно затворен поради пандемијата, не примаше посетители од 23 јануари до 13 јуни 2020 година. На вработените не им беше дозволено да патуваат до и од работа. Поради таа причина, директорот на музејот, Фанг Чин, си ја спакувал својата опрема за готвење и спиење и заедно со повеќе од 70 вработени поставил своевиден камп во зградата на музејот. Тие поминале неколку месеци таму, истовремено грижејќи се за музејската колекција.
Кинескиот национален музеј во Пекинг, кој е втор најпопуларен во истражувањето на „Арт њуспејпер“, со 1,6 милион посетители, беше затворен три месеци, почнувајќи од 25 јануари. Кога се отвори, неговиот капацитет беше намален за 90 проценти – од потенцијални 30.000 на 3.000 посетители на ден, а потоа тој број постепено се зголемуваше на 8.000 на ден до август.

„Лувр“, „Помпиду“ и „Орсеј“ со вкупен пад на посетите од 73 проценти

Во Европа, откако Светската здравствена организација официјално прогласи пандемија, се проценува дека 250 милиони луѓе биле во карантин во првиот бран. Франција и Германија први потврдија случаи на инфекција со коронавирус, а Италија и Шпанија воспоставија карантин на национално ниво. Владите на европските земји реагираа различно на кризата, па затоа, на пример, Франција и Италија имаа подолги периоди на затварање и построги ограничувања на патувањето, додека музеите во Данска и Финска беа затворени во просек по 112 дена. Додека во 2019 година речиси 83 милиони луѓе посетиле сто од најпопуларните европски музеи, во 2020 година имало само 24 милиони.
Европските градови исто така се соочија со драстичен пад на туристичките посети, особено во текот на летните месеци. Минатото лето Париз имаше само пет проценти од вообичаениот број туристи – според Светската туристичка организација. Трите големи музеи во Париз: „Лувр“, центарот „Помпиду“ и „Орсеј“ забележаа вкупен пад на посетите за 73 проценти, од 16,5 милиони во 2019 година на 4,5 милиони. Околу 2,7 милиони луѓе го посетија „Лувр“, кој и покрај падот на посетеноста за 72 проценти, остана најпосетен музеј во истражувањето на „Арт њуспејпер“. За бројот на посетителите на „Лувр“ придонесе изложбата на Леонардо да Винчи, која беше затворена во февруари, но дотогаш привлекуваше повеќе од 10.000 посетители на ден, со што стана најпосетуваната изложба во историјата на музејот. И покрај тоа, „Лувр“ објави дека изгубил околу 90 милиони евра во 2020 година.
Падот на туризмот и затворањето сериозно ги оштетија и најголемите музеи во Шпанија: „Прадо“ во Мадрид забележал 76 проценти помалку посети, додека музејот „Кралицата Софија“ имал 72 проценти помалку посетители. Пандемијата го принуди „Прадо“ да биде затворен 85 дена, а кога се отвори, можеше да прими само половина од капацитетот на посетителите. „Кралицата Софија“ беше затворен 80 дена, а потоа примаше само третина од можниот број посетители.
Интересно е тоа што Кралската палата во Милано, еден од најдолго затворените музеи во Европа (193 дена), имаше само 48 проценти помалку посети (391.000). Националната галерија на Ирска во Даблин беше затворена околу ист број денови и забележа 73 отсто помалку посети.

Британскиот музеј беше затворен 208 дена, а „Тејт модерн“ 173 дена

Многу британски музеи се потпираа на туризмот – структурата на посетителите на Британскиот музеј е 77 проценти странци, а според Националниот завод за статистика, во вториот квартал од годината, кога Велика Британија беше затворена, бројот на странските туристи се намалил за 96 проценти во однос на истиот период од 2019 година.
Британските музеи имаа просечно 77 проценти помалку посети и беа затворени повеќе од половина од 2020 година. Дури и кога беа отворени, беа воспоставени строги мерки во врска со дозволениот број посетители, така што повеќето музеи можеа да примат само од 20 до 30 проценти од вообичаениот број посетители.
Сепак, постојат и неколку успешни примери за работата на британските музеи – патувачката изложба на богатството на Тутанкамон од Големиот египетски музеј во Каиро ја виделе повеќе од 580 000 луѓе во галеријата „Сачи“, и покрај скапите билети, кои чинеле речиси 40 фунти. Исто така, изложбата на Олафур Елијасон во „Тејт модерен“ ја посетиле повеќе од половина милион луѓе.

Различни правила во САД

Ситуацијата е особено проблематична во САД, каде што секоја земја поставува свои епидемиолошки мерки и протоколи за безбедност, па затоа американските музеи се принудени да се приспособат на многу различни правила. Бројот на денови во кои тие беа затворени се движи од 75 (музејот на американски уметности „Кристал Бриџис“ во Арканзас) до дури 293 (Националниот музеј на американските Индијанци во Њујорк). Многу музеи во Калифорнија се затворија во март 2020 година и останаа така во поголемиот дел од годината.
Четири од најголемите музеи во Њујорк имале само 2,2 милиони посетители: „Метрополитен“ (1,1 милион), Музејот на модерната уметност – МоМА (706.000), Музејот на американска уметност „Витни“ (233.000) и музејот „Соломон Гугенхајм“ (154.000), што е 91 процент од вкупната посетеност на музеите во Њујорк (2,4 милиони). Истите музеи имале 11 милиони посетители во 2019 година, со најголем пад (88 проценти) остварен од „Гугенхајм“.

Нов Зеланд без ограничувања

Еден од најсветлите примери за борба против пандемијата е Нов Зеланд, благодарение на раната примена на рестриктивните мерки и прогласувањето неколку брзи и строги затворања.
Музеите во Нов Зеланд беа затворени помалку од глобалниот просек, а кога се отворија, тие немаа ограничувања во однос на капацитетот на посетители, за разлика од повеќето други низ светот. Најмалку оштетен поголем музеј на Нов Зеланд е уметничката галерија „Крајстчерч“, која беше затворена 54 дена и забележа пад на посетеност од само 28 проценти.
Најпопуларната музејска институција во Нов Зеланд, музејот „Те Папа Тонгарева“ во Велингтон, имаше околу 838.000 посетители, што е за 46 проценти помалку отколку во 2019 година.
Уметничката галерија во Окленд, која беше затворена 101 ден, ги откажа големите изложби на Пикасо и Моне поради ограничувања на патувањата, но одлучи да не се откаже од изложбата на 111 домородни уметници – најголема во 133-годишната историја на тој музеј.