Фото: Маја Јаневска Илиева

Петре Димовски за расказот „Во трка за животот“ ја доби првата награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“, на денешното доделување на признанијата во кафулето „Капри“. Втората награда ѝ беше доделена на Симона Јованоска за расказот „Последниот кат“, а третата ја доби Ленче Милошевска за расказот „Пештер“.

Откупните награди ги добија Тони Попов за „Гугутки“, Лилјана Пандева за „Дупка“ и Емилија Гиноска за „Ентелехија“. Наградите се парични.

Секој од шесте избрани раскази носи различен и видлив авторски белег, со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот што се опишува да се збогати со слоевитост на раскажувањето. Наградените раскази се свои и различни еден од друг.

Во жири-комисијата за доделување на наградите беа Александар Прокопиев, селектор на расказите и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура. Наградите на годинашните добитници им ги додели главниот уредник на „Нова Македонија“, Александар Димковски.

Избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда во дневниот весник „Нова Македонија“.