„Ничија земја“

Дванаесет претстави во официјална конкуренција ќе бидат изведени на 53-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кое ќе се одржи од 8 до 15 јуни во Прилеп. Селекцијата ја изврши уметничката директорка и селекторка на фестивалот Катерина Коцевска, која наедно истакна дека годинашни добитници на наградите за животно дело се актерот Петре Арсовски, кој на сцената на МНТ одиграл ликови во 52 претстави, 15 на други сцени, 77 во македонски филмови и серии, и композиторот Љупчо Константинов, кој напишал повеќе забавни композиции, како и над 200 аранжмани и соработувал со голем број имиња од театарската уметност.

Фестивалот, како што рече Коцевска, ќе биде отворен со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во продукција на МНТ.
Во официјалната конкуренција ќе бидат и претставите: „Клетници“ на Виктор Иго, во драматизација на Горјан Милошевски и режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“, Албанскиот театар ќе се претстави со „Жените“ од Роберт Томас, во режија на Ќендрим Ријани, Штипскиот театар ќе ја прикаже „Бог на маскарот“ од Јасмина Реза, во режија на Нела Витошевиќ, додека Турскиот театар ќе настапи со „Крал Лир“ од Шекспир, во режија на Диего де Бреа.

Независната театарска група „Артопиа“ пред прилепската публика ќе се претстави со „Ужегнатост“ од Иван Вискочил, во режија на Владимир Милчин, „Театар комедија“ ќе ја изведе „Дони Дарк“ од Леонард Герш, во режија на Роберт Ристов. Струмичкиот театар ќе настапи на фестивалот со „Царот Владислав“ од Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев, Театарот за деца и младинци со „Еднаш свет изградив“ по романот „Сидарта“, во режија на Јане Спасиќ. Драмскиот театар ќе ја прикаже „Лет над кукавичиното гнездо“ од Дејл Васерман и Кен Киси, во режија на Ристо Алексовски, додека Велешкиот театар ќе ја изведе „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана, во режија на Дејан Дамјановски, а битолскиот театар ќе настапи со „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андраш Урбан.