Водечкиот магазин за современа уметност „Арт ривју“ со седиште во Лондон на годишно ниво, почнувајќи од 2002 година, го објавува многу влијателното рангирање на 100-те најмоќни луѓе во светот на уметноста. Објавената листа на најмоќните, меѓу другото, ги рефлектира и случувањата во годинава на изминување, давајќи им приоритет на уметниците-активисти, на антиестаблишмент-движењата, на довчерашните аутсајдери.

– Во годината и во ерата обележана од нарушувања, протести и горчлив конфликт меѓу аутсајдерите и естаблишментот што се води и околу прашањето кој треба да ја претставува културата, институциите се присилени да одговорат со уверливи аргументи или ризикуваат да го загубат значењето во процесите – пишуваат уредниците на „Арт ривју“.

Оттука, можеби изгледа противречно што 30-членото анонимно меѓународно жири, одлучило за најмоќен во светот на уметноста во 2019-та да го прогласи човекот што никако не може да се нарече антиестаблишмент, имено станува збор за долгогодишниот директор на „MoMA“ во Њујорк, Глен Лоури. Привидната контрадикторност во случајов ја решава потребата да му се оддаде признание на некој што е олицетворение на естаблишментот, но кој од оваа позиција ја спроведе експанзијата на супермоќниот музеј, тешка 450 милиони долари, а со амбиција целосно да ја ревидира музејската колекција, оддалечувајќи ја од традиционалното линеарно претставување на историјата на уметноста. „MoMA“ често беше предмет на критики дека е фокусирана на северноамерикански и европски уметници мажи, но сега, како што стои во објаснувањето од жирито, Глен Лоури „ќе понуди поглобална претставеност на историјата на уметноста и подобра застапеност во однос на разноликоста на уметниците што работат денес, и низ декадите“.

Второрангирана на листата е „легендарната фотографка што ги сврте погледите кон етичноста на покровителството во уметноста, Нан Голдин“. Таа годинава ја предводеше кампањата против тоа музеите и галериите да примаат пари од семејството Саклер, сопственици на фармацевтска компанија, една од обвинетите во американската криза со опијати, поради претерана употреба на лекови што содржат опијати. Кампањата поттикна широка дебата за етичноста на ваквата „филантропија“ и резултираше со тоа што галерии како Националната галерија на портрети и „Тејт“ одлучија да не прифаќаат пари од семејството. Високото рангирање на Голдин се покажува како тренд на листата за 2019-та, зашто ваквите „преместувачи на моќта“ во светот на уметноста, кои воделе кампањи против долго и цврсто воспоставените структури на моќ, се забележливо застапени.

На 19-то место, пак, е активистичката група главно базирана во Њујорк, „Деколонизирај го ова место“, чии протести го истуркаа потпретседателот на бордот на музејот „Витни“, Ворен Кендерс, кој е извршен директор на компанија што произведува солзавец користен на границата на САД со Мексико. Но, веројатно, највпечатливо влегување на листата, на 10-то место има индонезискиот колектив „Руан група“, кој ќе биде куратор на „Документа 2022“, важна изложба на современата уметност што се одржува еднаш во пет години во Касел, Германија, а кој „во потрагата по нови институционални модели во светот на уметноста, ги презентира креативните можности на колаборацијата, на општественото ангажирање и размена“.

Друг забележлив тренд во рангирањето на најмоќните во уметноста во 2019-та е искачувањето на довчерашните „аутсајдери“. Така, aнонимниот уличен уметник Банкси по подолго време се враќа на листата на 14-то место, додека на пример, етаблираната ѕвезда Марина Абрамовиќ, која лани беше 74-та, сега воопшто ја нема. Неговиот проект-трик, со кој уништи свое дело на аукција на „Сотби“ веднаш откако тоа беше продадено, лани одекна и надвор од уметничките кругови, во пошироката јавност, но без разлика на овој антиестаблишмент-потег, неодамна, во октомври, неговиот „Диволвед парламент“ се продаде за 12,1 милиони долари.