Филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ му врачи награда за животно дело на познатиот американски композитор Филип Глас, за достигнувања во музиката и филмот. Ова е традиционална награда, која фестивалот ја доделува од самиот почеток во 2015 г., кога му беше доделена на Дејвид Боуви. За 2019 година лауреат на наградата беше Влатко Стефановски, кому во рамките на фестивалот му беше организирана ретроспективна изложба на концертни плакати, насловена „Патешествие“. Годинашната награда му беше врачена на Глас за време на неодамнешните концерти во Филхармониската сала во Париз, каде што настапија тој и неговиот ансамбл под водство на Мајкл Ризман.

Во негова чест, во февруари 2020 г., фестивалот ќе го прикаже филмот на Ерик Дармон – „Филип Глас: Гледајќи го Глас“, во Кинотеката на Македонија, како дел од зимското издание на фестивалот.

Филип Глас денес се смета за најпознат и најуспешен американски композитор. Следната година, на 31 јануари 2020 г., тој ќе наполни 83 години и сѐ уште е активен и како композитор и како изведувач. Тој е еден од четворицата основоположници на минимализмот – правец во класичната музика, кој во 1960-тите и 1970-тите направи револуција во класичната музика. Зад него е огромен опус што се состои од голем број симфониски дела, филмска музика, опери, музика за театар, дела за соло-инструменти, хорска музика.