На саемот ќе учествуваат повеќе од 40 издавачки куќи, кои најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија, како и голем број промоции и големи саемски попусти до 70 проценти

Традиционалниот Саем на книгата оваа година ќе се одржи на отворен простор, во СЦ „Борис Трајковски“, кај аквапаркот, под монтажни објекти, од 8 до 14 септември. За време на саемот во целост ќе бидат применети сите мерки и препораки и протоколот за начинот и условите за одржување настани.
Издавачите се подготвени да ги понудат своите најнови изданија и својата богата понуда со големи саемски попусти. Љубителите на книгата ќе може да избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.
На саемот ќе учествуваат повеќе од 40 издавачки куќи, кои најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија, како и голем број промоции и големи саемски попусти до 70 проценти.

– Саемот ќе ги понуди сите содржини како и досега, богат избор на книги, промотивен центар за настани, средби со автори, на дистанца се разбира. Покрај тоа што се одржува на отворено, саемот секако нема да изгуби на квалитет. Единствено ќе нема гостувања на автори од странство – велат организаторите.
Целта е да продолжи традицијата на одржување на Саемот на книгата и затоа голем број македонски издавачи ја поддржаа идејата да се организира саем на отворено, тој да се адаптира на новите услови, со почитување на протоколите. Бројот на посетители што во еден момент се присутни на Саемот на книгата ќе биде ограничен, но седумте саемски денови ќе бидат сосема доволни за да го посетат сите љубители на пишаниот збор сигурно и безбедно.

Саемот на книгата и оваа година е организиран во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ), Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албанските издавачи во Македонија.
Во согласност со протоколите за спречување на ширењето на коронавирусот, ќе бидат обезбедени сите мерки за кои посетителите и изложувачите ќе бидат соодветно информирани. Работното време на саемот е од 10 до 20 часот, а на 14 септември од 10 до 17 часот. Билетот за влез ќе чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години – 20 денари. Тие ќе може да се набават онлајн и на билетарниците пред влезот на саемот. 


Промоции и потпишување книги

Издавачката куќа „Арс ламина“ ќе понуди повеќе од 300 нови наслови, а попустите ќе се движат до 80 отсто. Во рамките на саемот, издавачката куќа ќе организира четири промоции на делата на заедничката сцена: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков (9 септември, 19 часот), „И не биди млад мајмун“ од Велко Неделковски (11 септември, 19 часот), „Вежбанка за почетно пишување: графомоторички вежби“ од Ѓорѓи Делчев и Јасмина Делчева-Диздаревиќ (12 септември, 13 часот) и „Тошо Малерот: монологија“ од Васко Тодоров (13 септември, 19 часот). На штандот секој ден ќе се организираат и голем број потпишувања на книги со домашни автори, како Душко Трифуновски, Зоран Михајловски, Зорка Тодорова-Младеновиќ, Мартин Јованоски, Владимир Плавевски, Ненад Георгиевски, Вики Андонова, Јана Мишо, Ана Аврамовска Сиљановска, Даниел Бибовски, Моџо Килингтон, Оливија Георгиевска и Билјана Велковска.