„Дисонанс“
Дарко Брлек

Големиот словенечки кларинетист со меѓународно реноме, Дарко Брлек, завчеравечер настапи на „Охридско лето“ одржувајќи импресивен концерт заедно со гудачкиот квартет „Дисонанс“ од Словенија. На концертниот подиум во црквата „Света Софија“, освен Брлек, настапија виолинистите Јанез Подлесек и Матјаж Поровне, Оливер Диздаревиќ на виола и виолончелистот Клемен Хвала. Беа отсвирени дела од Мариј Когој, Дмитриј Шостакович и Волфганг Амадеус Моцарт. Брлек изведе композиција на Моцарт.

– Со гудачкиот квартет „Дисонанс“ го изведов Моцартовиот Квартет за кларинет и гудачки квартет и сметам дека вториот став е еден од најдобрите во музичката историја – рече Дарко Брлек. Ова не беше негов прв настап на „Охридско лето“, а тој укажа и дека многу добро се сеќава кога првпат настапил во истата црква.

– Мислам дека 10-ти пат сум на фестивалот „Охридско лето“. Првпат настапив во 1986 година со камерниот оркестар „Урош Лајовиќ“. Оттогаш поминаа 33 години, но јас многу добро се сеќавам на првиот настап. Го свиревме Моцарт и други композиции. Дојдовме со чартер-лет попладнето и се вративме назад веднаш по концертот – се потсети Брлек. Тој „Дисонанс“ ги нарече исклучително добар квартет, составен од врвни музичари.

– Со нив свирев во Трст и во Словенија. Тоа се концерт-мајстори во Словенечката филхармонија, а тука е и директорот на филхармонијата, Клемен Хвала. Во Словенија има уште еден одличен гудачки квартет, „Тарантини“. Тоа е добра традиција на камерното музицирање. Тие се всушност јадрото на камерниот оркестар на Словенечката филхармонија со кој сум свирел јас, но и многу други големи ѕвезди како што се виолинистките Ванеса Меј и Сара Чанг – појасни тој.

Иако по професија е кларинетист, Дарко Брлек е и директор на интернационалниот Љубљанскиот фестивал, но успева да ги синхронизира музицирањето и културното менаџирање. Во насока на проширување на соработката со институциите од областа на културата и надвор до границите на матичната земја, тој лани во октомври оствари и работна средба со директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

– „Охридско лето“ е многу важен фестивал, не само за Охрид, туку и за целиот регион и Европа, и треба да ја има поддршката од сите страни. Сигурно ќе имаме заеднички копродукции, но би било убаво, овде повторно да дојде Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија, а можеби и сите членови на филхармонијата доколку се обезбедат средства за тоа, зашто сепак станува збор за состав од сто члена – додаде Брлек. За него културниот менаџмент е повеќе од професија, но тој истовремено активно се занимава и со неговата прва љубов – кларинетот настапувајќи во Словенија и на меѓународните концертни подиуми.